Откако италијанската премиерка Џорџа Мелони договори со Албанија екстернализација на мигрантите кај оваа наша сосетка, нејзините европски колеги почнаа да ја земаат за пример нејзината политика.
Медиумите во ЕУ често го цитираат овој пример како добар начин на менаџирање на миграциската политика. Редица европски политичари отидоа во посета кај Мелони да им ја слушнат тајната на менаџирањето на мигрантите.
Така, Холандија веќе размислува своите мигранти да ги испрати во Уганда. Данска во Косово. Копенхаген сака да прати мигранти чии барања за азил се одбиени и веќе е на сила договор меѓу двете земји за испраќање на 300 мигранти осудени на затвор во Данска. Тие немаат право на азил и треба да бидат пратени во косовски затвор. За возврат, Косово ќе добие 210 милиони евра во наредните години.
Но, првиот неуспех на оваа политика тропна на вратата на Мелони покажувајќи дека почитување на европското и меѓународно право не е само играчка во рацете на земјите членки до која посегнуваат кога им одговара.
Така на 18 октомври, италијански суд го поништи притворот за 12 мигранти во албанските центри за првите баратели на азил што Рим ги префрли минатата недела. Премиерката веднаш реагираше на X: „Италијаните ме замолија да ја запрам илегалната имиграција, а јас ќе направам сé за да си го одржам зборот“. Тоа засега значи дека владата ќе оди на апелација.
Иновативни решенија или правни акробации
Пред самитот, ЕК побара од земјите членки да предложат „иновативни“ решенија за миграциските проблеми. Главната улога во иновациите беше договорот помеѓу Албанија и Италија. Во своето писмо упатено до ЕУ лидерите пред самитот, претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен повика да се извлечат „поуки“ од договорот меѓу Рим и Тирана. Негативни или позитивни поуки и дали иновациите го нарушуваат европското право, ќе покаже времето.
Во 2023 година, ЕК даде зелено светло за две правни акробации. Првата е дека мигрантите спасени на отворено море не смеат да влезат во територијалните води на ЕУ или ќе се соочат со отфрлање и дека во центрите во Албанија важи италијанското законодавство, а не законодавството на ЕУ. Дали оваа акробација ќе го помине тестот на Европскиот суд е прашање на кое засега нема одговор.
Во своето писмо од пет страници, фон дер Лејен предлага „стратешки“ односи со земјите на потекло и трансфер, по примерот на она што е веќе направено со Турција, Либија, Тунис, Египет и Мавританија. Овие договори овозможија да се намалат нерегуларните влезови на мигранти во ЕУ преку централниот Медитеран за околу 66 отсто.
Стратешки односи и кршење на човековите права
Турција склучи договор со Германија во 2016 година кога бившата канцеларка Ангела Меркел побара од Анкара да не ги пушта мигрантите вон нејзините граници а за возврат доби сума од 6 милијарди евра. Невладините организации кренаа глас против овој договор. За нив тој беше незаконски и неморален и тие уште тогаш предупредија дека Европа ризикува да го прекрши меѓународното право.
Слични договори ЕУ направи и со другите земји во Африка и покрај критиките на невладините организации дека овие земји не се доволно демократски и со тоа ќе ги нарушат правата на мигрантите но и европското право.
Објавен во јули 2023 година, миграцискиот пакт ЕУ-Тунис, со буџет од 150 милиони евра, има за цел да ги спречи луѓето да стигнат до Европа а оваа држава станува сè порепресивна и нејзината полиција оперира главно неказнето.
Во својот извештај, објавен на 23 октомври годинава, народната правобранителка, Емили О’Рајли, ја критикува ЕК дека криела за кршењето на човековите права пред да го објави договорот, велејќи дека тој требало да биде потранспарентен.
Да се вратиме на писмото на фон дер Лејен во кое таа признава дека бројот на мигранти што доаѓаат преку западниот Медитеран и Атлантикот во Шпанија значително се зголемил. Имено, додека Мелони е горда што се намалил бројот на мигранти што стасуваат во Италија, во првите 8 месеци од оваа година нелегалните премини се зголемени за 56 отсто во Грција, за 66 отсто во Шпанија и дури за 126 отсто на шпанските Канарски Острови.
На Канарските Острови речиси да нема ден без да стаса мал брод преполн со стотици мигранти од Африка. Но, ова е и најопасниот пат кон Европа и илјадници мигранти го губат животот на пат кон ЕУ. Според изјавата на портпарол на канарската влада, секои 45 минути еден мигрант гине во водите на Атлантикот. Според податоците на министерството за внатрешни работи на Шпанија, 30.808 мигранти стасале на Канарските Острови во првите 9 месеци од оваа година. Што е двојно споредено со истиот период лани.
Дали повратните центри се решението?
Во ЕУ која сè повеќе се „мелонизира“, како повеќе да нема табу за прашањата за имиграцијата и азилот.
Германија, Австрија, Данска, Франција, Италија, Словенија, Шведска и Финска, сите тие ги вратија или засилија граничните контроли. Полска пред неколку дена најави дека повеќе нема да прима барања за азил. Овој потег е нарушување на европските и меѓународни правила но ЕУ сепак ѝ даде зелено светло на Полска. Меѓународното право може да бидат пречка за повратните центри со оглед на тоа што не е сосема јасно кој ќе се грижи за човековите права на мигрантите и можни конфликти.
Земјите на ЕУ не извлекоа поука од плановите на Велика Британија која склучи договор со Руанда но новата британска влада, во јули, му стави крај токму поради отпорот на јавноста да се пратат мигранти во земја која не е демократска но и одлуката на Врховниот британски суд кој смета дека планот е нелегален. Руанда и други земји со слични режими, бараат поддршка и соработка со ЕУ во желба да се „исперат“ од негативниот имиџ.
Шефовите на држави и влади на ЕУ не успеаа на самитот во октомври да договорат што и како понатаму со миграцијата. Дебатата остана за декемврискиот самит. Усвоените заклучоци за миграциските политики покажуваат заострување на мерките, затворање на границите на ЕУ и нови методи за споментатите „повратни центри“, па и ревизија на концептот за безбедна земја за депортирање дури и на лица кои имаат право на меѓународна заштита. ЕУ сепак подвлекува дека „новите начини за спречување и спротивставување на нерегуларната миграција, треба да се во согласност со ЕУ и меѓународното право“.
Но, се чини дека ЕУ почнува да ги следи екстремно десните политики во надеж дека на следните избори ќе успеат да и земат гласачи на екстремната десница. Досега оваа стратегија го даде токму спротивниот резултат. Следењето на миграциската политика (како и други политики) на екстремната десница наместо да им донесе гласови на традиционалните партии, ѝ донесе гласови на крајната десница. Денес таа е на власт или дел од владина коалиција во многу ЕУ земји.
Шпанците, деца на миграцијата
Во целата европска паника, шпанскиот премиер, социјалистот Педро Санчез има сосема друга порака. На 9 октомври годинава тој изјави дека Шпанците се „деца на миграцијата“ реферирајќи се на периодот на диктатурата на Франко во која многу Шпанци ја напуштија земјата.
„Ние Шпанците сме деца на миграција и не сакаме да бидеме родители на ксенофобија. Ајде да создадеме политика за имиграција со која нашите постари ќе можат да се гордеат. Ајде да создадеме имиграциска политика која ја гарантира иднината на нивните внуци“, порача Санчез.
Но, Санчез е свесен за предизвиците што ги носат мигрантите во некои од големите градови. За таа цел, тој најави дека Шпанија ќе побара од ЕК да побрза со стапувањето во сила на Пактот за миграција и азил, со цел неговите одредби, кои се однесуваат на граничната контрола и дистрибуција на мигранти, да се применат од следното лето, а не во 2026 година.
Мигрантска статистика
Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации конкретно бележи дека на крајот на 2022 година, 108,4 милиони луѓе биле иселени поради војна, конфликт или прогон. Меѓу нив 35,3 милиони се бегалци, 5,4 милиони баратели на азил кои чекаат да се испитаат нивните случаи и 62,5 милиони „внатрешно“ раселени лица во нивната земја. Бројка што значително се влоши во споредба со претходната година со плус 19 милиони, особено поради руската инвазија на Украина во 2022 година. За речиси една година, речиси 6 милиони луѓе ја напуштија Украина.
Од 448,4 милиони жители на ЕУ на 1 јануари 2023 година, во сите 27 членки на ЕУ има 27,3 милиони неевропски граѓани, или 6% од нејзиното население. Голем дел од лицата што немаат државјанство (од друга земја-членка или не) живеат во Германија, 12,3 милиони, во Италија, Франција и Шпанија, 5 до 6 милиони.
Во однос на националното население, најголем дел од не-државјаните се наоѓаат во малиот Луксембург и претставуваат 50,4% од вкупното население. Најмал процент е забележан во Полска (2,5%), Бугарија (2,6%) и Романија (2,8%). Во Франција, странците претставуваат речиси 8% од населението.
Светлана Јовановска