петок, 6 декември 2024

Иницијатива О2: Буџетот за 2025 за заштита на животната средина – рекорден досега, но треба да биде двојно поголем

Реагирајќи за несоодветната комуникација со пратениците од актуелниот собраниски состав, од Иницијатива О2 укажуваат на причините зашто навреме не поднеле предлози за измени на буџетот за 2025 година ,во областа на животна средина. Сепак од оваа граѓанска организација за заштита на животната средина поднесени се предлози за измена, кои се надеваат дека ќе се предложат и усвојат како комисиски предлози на Комисијата за финансирање и буџет.

Објавено на

часот

Сподели

Иницијативата О2 ги има анализирано и главните црти на буџетот за 2025, од аспект на заштита на животна средина. Во аналзиата се констатира дека планираните 1.36 отсто од буџетот за заштита на животна средина, односно 103,4 милиони евра се рекордни до сега, но се малку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се двојно повеќе.
Средствата, иако се голем исчекор од минатото, особено во споредба со годините пред 2024 година, се малку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се двојно повеќе.
„ Речиси 90 отсто од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи. Во август оваа година со ребалансот на буџетот за 2024, за прв пат се воведе нова владина потпрограма, инфраструктурни проекти во општините, во програмата за децентрализација. Ова продолжува и во 2025 година. За добивање на овие средства општините треба да аплицираат со проекти до надлежните министерства. Од МЖСПП за оваа намена се одвоија 9,9 милиони евра во 2024, а за 2025 се планирани 7,8 милиони евра. Наша претпоставка е дека овие проекти во најголема мера ќе бидат за изградба на водовод и канализација.

Тука доаѓаме до главниот проблем со овој буџет, иако најголем до сега за заштита на животна средина. Најголем дел од средствата одат на комунална инфраструктура, изградба на водовод и фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат. Во минатото овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од Министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина“, се наведува во анализата на Иницијативата О2.

Понатаму во својата анализа на намената за средствата од буџетот за 2025 година за аштита на животната средина, од Иницијатива О2 прашуваат „каде е другото“, па систематски ги наведуваат критичните точки.

„ Аерозагадувањето –  Во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи поради загадувањето со PM2.5, што е 17.7 отсто од вкупната смртност во државата. Секој деветти смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух.

Средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето не најдовме во буџетот за 2025. Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот. Министерот за здравство, Таравари изјави дека 10 болници во текот на 2025 ќе го променат начинот на греење, но средства за оваа намена нема во буџетот.

Нема доволно средства за купување на мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг- станиците за квалитет на воздух. Во моментов 29 инструменти не работат. Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се следи аерозагадувањето, да се преземат мерки за негово надминување и да се извршат потребните анализи“, се вели во анализата.

Од Иницијатива О2 укажуваат и дека нема континуирано мерење на тешки метали во воздухот, барем на едно мерно место, согласно законските обврски и дека не се планирани средства за оваа намена во буџетот. Во таа насока тие ги наведуваат нивните предлози за амандмани за предлог-буџетот, во делот на заштитата на животната средина.

„ Управувањето со отпад – процесот на воспоставување на системи за управување со отпад за сите 7 плански региони, со депонии во Мечкуевци, Русино, Мегленци и Доброшинци е започнат од претходната влада со обезбедување на средства од ИПА, швајцарската влада и ЕБОР и е во различна фаза за секоја од овие депонии/плански региони.

Но за скопскиот плански регион државата нема предвидено средства за стандардизирање на Дрисла и развивање на системот за управување со отпад, иако овој регион учествува со 46 отсо од БДП (2022 година). Нашите предлози за амандмани се наменети за скопскиот плански регион и Дрисла, каде е потребно сериозно вложување за да се добие еден современ одржлив центар за управување со отпад, кој жителите го заслужуваат со учество во речиси половина од БДП-то на државава.

Енергетика – целта на државава за учество на обновливи извори на енергија во производство на електрична енергија, е хидроцентралите (тука се мисли на големите) да сочинуваат 66% од производството на електрична енергија до 2030, имајќи предвид дека енергијата од ветерот и сонцето е нестабилна, за што е потребно балансирање на системот. Во буџетот нема средства за оваа намена.

Во однос на овозможување на индустријата да го замени јагленот, мазутот и слично со гас, потребно е да се донесе гасот до неа. За гасификација предвидени се САМО 1,8 милиони евра.  Средства за најавените когенеративни централи на гас исто нема во буџетот“, велат од Иницијативата О2.

Како жешки точки на екологијата во Македонија се наведуваат загадените почва и подземни води. Констатираат дека од претходната влада е започнато чистењето на Охис, но оди многу побавно од предвиденото.

„ Потребно е мобилизрање на средства за чистење на големата депонија и на Пеленица. Давање на концесионири за чистење на Лојане, згурата од топилница Велес, не даде со резултат и потребно е државата да вложи и ги исчисти овие жешки точки на најсоодветен начин во најбрз можен рок. Исто и со депонијата на Југохром, од која водата од Рашче е загрозена и другите жешки точки. Средства за оваа намена во буџетот за 2025 нема“, укажуваат од Иницијативата О2 за потребите за измени на предлог-буџетот за 2025, во контекст на заштитата на животната средина.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ