петок, 13 декември 2024

Иницијатива на Левица до Уставниот суд за упатството за радиодифузери за АВМУ

Претседателскиот кандидат професорката Билјана Ванковска и политичката партија Левица поднесоа иницијатива за оценка на уставноста и законитоста против Упатството за радиодифузери на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги за претседателските и парламентарните избори 2024 година, со барање на изрекување итна времена мерка за запирање на извршување на овој скандалозен подзаконски акт, соопшти Левица.

Објавено на

часот

Сподели

Според оваа партија, АВМУ излегува надвор од границите на Уставот и на Изборниот законик, произволно ги толкува одредбите од законот директно на штета на нивниот потврден претседателски кандидат, „оневозможувајќи го и ускратувајќи му го правото на еднаков пристап до медиумите и избалансирано медиумско претставување, со тоа што ни се узурпира и таа минута време за платено политичко рекламирање која што законски ни следува.

Со ваквиот тенденциозен чекор на АВМУ, на само неколку дена пред официјалниот почеток на изборната кампања, нанесена ни е непроценлива нематеријална и материјална штета како учесници во изборниот процес, а сериозно е доведен во прашање и кредибилитетот на целокупните избори во кои независните кандидати, поддржани од група граѓани, спротивно на закон, не се третираат еднакво и, отворено и противзаконски, се фаворизираат кандидатите на големите политички партии, преку нивните експоненти-членови во ДИК и во АВМУ.

Како оштетена странка, порачуваме дека нема тука да застанеме со правните инструменти и против сите членови на АВМУ и на ДИК, поименично, ќе поднесеме кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а ќе побара и времена мерка за изрекување судска забрана за исплата на средствата за изборната кампања на сите потврдени независни претседателски кандидати.

Дополнително, ќе иницираме и граѓански спор за оштета во кој ќе бараме солидарна одговорност на сите членови на Советот на АВМУ за материјалната штета што ни е нанесена, а која се брои во милионски износ”, соопшти Левица.

Според соопштението на АВМУ, со упатството донесено пред три дена се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк особено за периодот на преклопување на двата изборни процеси.

„За време на изборната кампања за претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг“, соопшти АВМУ пред три дена.

За време на изборната кампања за парламентарните избори, се појаснува во соопштението, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање на реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ