недела, 8 септември 2024
АФП

Индијците што се борат за руската војска во Украина

Земјоделец со јаболка, снабдувач на авиокомпании со храна и невработен дипломец се меѓу индиските државјани што биле регрутирани во руската војска додека таа води војна против Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Две години од почетокот на војната, десетици илјади руски војници загинаа во конфликтот, а Москва е во светски поход по повеќе борци, понекогаш со помош на неформални посредници.

Индиски преведувач што работи во воен регрутен центар во Москва им рекол на новинарите на АФП во Њу Делхи дека неговиот објект е само еден во целата мрежа низ Русија, пренесува Москва тајмс.

„Секој поголем град има регрутен центар каде што се процесираат странските државјани“, рече тој.

Преведувачот вели дека тој лично го надгледувал запишувањето меѓу 70 и 100 индиски граѓани, додавајќи дека бројот на непалските регрути е многу поголем.

Непалци што се борат за Русија
Фото: ЕПА

„Само минатата недела 10 Индијци дојдоа во мојот центар“, рекол мажот, кој сакал да остане анонимен.

Некои индиски регрути рекле за АФП дека им биле ветени неборбени улоги, но дека пред да бидат испратени во Украина, биле обучени да користат автомати калашников и друго оружје.

Еден договор на Министерството за одбрана на руски јазик што АФП го видел се однесува на „воена служба во вооружените сили на Руската Федерација“, со барање да се „учествува во борбите“ и „неограничено да му се служи на рускиот народ“.

Индија ѝ е долгогодишен сојузник на Русија и избегнува директна осуда на инвазијата во Украина.

Аналитичарите велат дека напорите на Москва да ги таргетира регрутите од Индија се само дел од глобалната кампања за регрутирање, заедно со огромната кампања за регрутирање дома.

АФП разговарал со пет Индијци регрутирани да се приклучат во руските борби, од кои сите рекле дека одговориле на видеата на социјалните мрежи што промовираат работни места како „армиски помагачи“ за плати од околу 1.200 долари месечно.

Никој немал претходно воено искуство.

Фото: ЕПА

„Страв ми е“

Регрутните видеа биле објавени од агентот од Дубаи Фајсал Кан, кој е присутен на Јутјуб, Инстаграм и Тикток, како Баба Влогс.

Во едно видео Кан оди по улица во градот Санкт Петербург објаснувајќи ја понудата: плати му нему 3.600 долари и најди работа како помошник во руската армија.

„Не треба да се бориш“, вели тој.

„Само треба да ги чистиш срушените згради, да ги одржуваш оружјата и по една година служба ќе имаш право на постојан престој“.

Кан тврди дека добил лавина барања од Индија, каде што и покрај брзиот економски раст, невработеноста е на рекордно високо ниво.

Според него, Кан им помогнал на 16 индиски државјани да отпатуваат во Русија во ноември и декември, од кои повеќето дошле од Индија, додека некои од Дубаи.

„Јас сум во социјалните медиуми и им помагам на луѓето да најдат работа“, вели тој за АФП.

„Пријател од Русија стапи во контакт со мене велејќи дека војската таму бара помошници, мислев дека тоа е добра можност и направив видео.“

Но вели дека бил „затечен“ кога на регрутите им било издадено оружје, како и кога „почнаа да пристигнуваат извештаи за тела што се враќани назад, а некои се враќаат ранети… решивме да го запреме процесот на регрутирање“.

Но неговото видео за регрутирање, насловено „Работни места во руската армија“, сѐ уште е достапно на интернет.

Еден од регрутите на Кан, невработен дипломец од Утар Прадеш во северна Индија, рекол за АФП дека се борел на линијата на фронтот во делумно окупираната област Доњецк во источна Украина.

„Бев ранет во борбите и однесен во болница, од каде што некако избегав“, рекол тој од Москва.

Друг регрут од Индија рекол дека бил стациониран во регионот Херсон заедно со друг индиски државјанин – земјоделец со јаболка од Кашмир – и девет Кубанци што чекале да бидат распоредени на фронтот.

„Може да ме повикаат да се борам во секое време“, вели 27-годишникот, кој порано работел во фирма за снабдување на авиокомпаниите со храна.

„Страв ми е и само сакам да си одам дома.“

Неколкумина од регрутите со кои зборувал АФП на своите семејства дома им пратиле слики на кои се гледа дека се исцрпени од борбите.

АФП лоцирал голем број од сликите во руски воен објект во близина на Москва.

Еден од Индијците рекол дека побегнал откако ја почнал основната обука.

Шеик Мохамад Тахир (24) отпатувал за Москва во декември.

„Веднаш штом нѐ натераа да тренираме со оружје, сфатив дека нешто не е во ред“, рекол тој. „Бидејќи уште го немав предадено пасошот, купив авионски билет и си отидов.“

Ниту Русија, ниту Украина не кажуваат колку странци служат во нивните војски или колкумина се држат како воени заробеници.

Се верува дека Москва ангажирала илјадници странски борци, стотици од нив од индискиот сиромашен сосед, Непал.

„Има информации дека платеници од Блискиот Исток и Азија учествуваат во борбите од руска страна“, вели Олег Игнатов, аналитичар во Меѓународната кризна група.

Игнатов вели дека Русија „се обидува да регрутира и платеници во Африка“.

„Подобар живот“

Индиското Министерство за надворешни работи потврди дека некои индиски граѓани се пријавиле за „помошни работни места“ во руската армија, без да прецизира дали тоа биле борбени улоги.

Министерството соопшти дека неколкумина од нив биле отпуштени како резултат на неговите интервенции кај руските власти.

Фото: ЕПА

Но семејствата на регрутите велат дека биле измамени и ги обвинија индиските власти дека не направиле доволно за да им помогнат да се вратат дома.

Мохамед Имран, трговец во Хајдерабад, речиси два месеци се нема слушнато со својот помлад 30-годишен брат.

Неговиот брат последен пат се јавил од јужниот руски град Ростов-на-Дон за да каже дека е распореден на линијата на фронтот во Украина.

„Едно од момчињата што беа со него и успеа да побегне ни кажа дека брат ми е ранет со куршум“, рекол Имран за АФП.

„Отиде за да може да му понуди подобар живот на семејството, сега не знаеме ни дали воопшто е жив.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ