Односите меѓу Индија и Канада се сериозно затегнати откако канадските власти соопштија дека имаат веродостојни информации за вмешаноста на Њу Делхи во убиството од јуни на сепаратистичкиот водач на Сиките и канадски државјанин Хардиб Синг Ниџар (45) во канадската покраина Британска Колумбија, а кого Индија го означи „терорист“.
Индија ги отфрли обвинувањата како апсурдни и во септември, како одговор на протерувањето на висок индиски разузнавач од Канада, протера канадски дипломат и исто така го суспендираше издавањето визи за Канаѓаните.
Фајненшл тајмс, повикувајќи се на луѓе запознаени со индиското барање, објави дека Индија се заканила дека ќе го укине дипломатскиот имунитет на оние дипломати на кои им било кажано да си заминат и кои останале по 10 октомври.
Канада има 62 дипломати во Индија, а Индија рече дека вкупниот број треба да се намали за 41, пишува весникот. Министерствата за надворешни работи на Индија и Канада не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.
Индискиот министер за надворешни работи Субрахмањам Џаишанкар претходно изјави дека постои „клима на насилство“ и „атмосфера на заплашување“ против индиските дипломати во Канада.
Њу Делхи долго време не е задоволен од сепаратистичките активности на Сиките во Канада.
Канада има најголема популација на Сиките надвор од Пенџаб. Околу 770 илјади луѓе го навеле сикизмот како своја религија на пописот во 2021 година.