Комесарка за проширување во новата Европска комисија ќе биде Словенката Марта Кос, соопшти претседателката на Европската комисија.
Словенечката дипломатка ќе биде задолжена и за источното соседство на Европската Унија.
Кос ќе работи на поддршката за Украина, ќе продолжи да работи на обновата на таа земја и да ги поддржува земјите кандидати за членство да се подготват за пристапување во ЕУ, кажа Фон дер Лаен на конференцијата на претседателите на политичките групи во Европскиот парламент.
Марта Кос е поранешна словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија.
Кариерата ја почнала како новинарка, но била и директорка на владината канцеларија за информирање и портпаролка на владата. Од неодамна работи како консултантка на компании и меѓународни организации.
„Секој член на мојот тим ќе го донесе своето искуство и погледот на Европа. Заедно ќе бидеме еден тим, кој ќе работи на заедничка цел – Европа да биде посилна“, порача претходно денес Фон дер Лаен на Икс.