петок, 13 декември 2024

И официјално, Гордана Силјановска-Давкова кандидат за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ

Со 444 гласа од 454 присутни делегати на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, и официјално е потврдена кандидатурата на Гордана Силјановска-Давкова за претседател на државата на претстојните претседателски избори.

Објавено на

часот

Сподели

„Резултатот ме остави без зборови. Не очекував толку голем резултат, навистина многу ми значи довербата, од срце ви благодарам. Одговорно тврдам дека ниту еден труд, ниту членство во разни организации не ми значело толку колку можноста што ми ја дадовте вие, и тогаш и сега, да си го запознам народот. Тоа е неверојатно инспиративно“, истакна Силјанова-Давкова, која претходно, пред тајното гласање, пред делегатите на конвенцијата имаше излагање.

По објавата на резултатот од гласањето таа истакна дека „многу работа стои пред нас“ и затоа сите кои ќе бидат носители на некоја функција ги замоли „да стават крај на овие страшни поделби по било која основа, најмногу партиска и политичка“, да се однесуваат коректно кон опозицијата без која, како што рече, нема  демократија, и да градат консензус.

„Јас ве уверувам дека нема да ве засрамам. Јас ве уверувам дека ќе ги мерам зборовите. Ве уверувам дека ќе градам сојузи и сојузништва, дека ќе интегрирам, а нема да дезинтегрирам зашто поделбите ја доведоа  оваа држава да личи на гладијаторска арена“, рече Силјановска-Давкова на конвенцијата насловена „Важно е! Лидерство што носи промени”, која попладнево се одржува во Филхармонијата.

Таа посочи дека „не се станува Европеец и не се вежба европеизација преку реторика ’ЕУ, ЕУ,ЕУ’, туку преку вежбање демократија“. Давкова порача дека приоритети мора да бидат владеење на правото, слободите и правата на човекот, индивидуалните и малцинските права, градење пазарна економија…

„Нам ни треба пристојна, нормална па дури и досадна држава. Не егзотика. Доста бевме егзотични билки за светот и за Европската Унија. Во ЕУ треба да одиме со компатибилен политички систем, а него го нема без владеење на правото“, рече кандидатката за претседател на државата.

Таа порача „да градиме современа, модерна, по европски стандарди структурирана држава во која граѓаните ќе бидат суверенот“.

„Да ги почитуваме и правата на заедниците, да ги почитуваме различностите, но да не забораваме дека ЕУ е единство на различности. И ние има што да внесеме во ЕУ, отсекогаш сме биле во географска и културна смисла дел од ЕУ… Токму со традицијата на културна различност многу можеме да внесеме во Европската Унија и сигурна сум дека и ЕУ ќе има полза од нас“, изјави Силјановска-Давкова, нагласувајќи дека „време е за конзистентност и стаменост“, зашто само така, рече, ќе бидеме препознаеме како сериозни државници.

По нејзиното обраќање, пред делегатите на конвенцијата говор има претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Имаме направено многу повеќе од другите народи во Европа за таа Европа, променивме многу работи болни за нас во минатото, неколку пати го менувавме Уставот, ни ги променија и банкнотите, националното знаме, името, и сето тоа беше со цел да влеземе и се интегрираме во НАТО Алијансата и ЕУ“.

Мицкоски истакна дека на земјава и треба претседател што ќе биде разумот за решавање на овие прашања, но, како што рече, во исто време ќе биде браникот на националните интереси.

„Нас ни треба претседателка што ќе се бори за нашиот влез во Европската Унија, но притоа ќе ги брани нашите интереси како граѓани, ќе го брани македонскиот идентитет, специфичност и постоењето на македонскиот народ како една целина“, рече Мицкоски.

Посочи дека претстојните избори не се во насока на одлучување дали земјава ќе влезе во Европската унија или не, туку, како што рече, ова се избори каде ќе се одлучува за Македонија да биде држава со закони кои важат за сите со немање граѓани од прв и втор ред.

„Да не се лажеме дека ова се избори за тоа дали ќе влеземе или нема да влеземе во Европската унија. Тоа е една голема шарена лага. Ова се избори за Македонија. Каде изборот треба да биде Македонија средена, со закони кои важат за сите, со немање граѓани од прв и втор ред. И јас верувам дека граѓаните го знаат и ќе го направат вистинскиот избор, за себе, за своите семејства, за своите деца“, рече Мицкоски.

Вели неговата визија за претседателот е да биде претседател на народот, а не како што рече, застапник на интересите на елити кои за сметка на колективниот интерес водат лични агенди.

„Претседателот на државата му припаѓа на народот и одговара единствено пред него, го штити Уставот како акт кој произлегува од волјата на суверенот- граѓаните на Република Македонија. Претседател за народот, а не слуга на кликите“, истакна Мицкоски.

Тој се повика на традициите на илинденците и народно ослободителната борба и како што рече, претседателот е должен безусловно и со голема посветеност и капацитет да го продолжи истото дело.

„Да градиме држава која ќе ги почитува своите темели и ги надоградува со верба и посветеност кон идеалите кои беа обврска и за сите наши претходни претседатели. Во историските крстосници и бури на овој народ, посветеноста кон државата, долгот и почитта кон сопствениот народ треба да бидат најсилната врска на која треба претседателот да се потпира во секоја своја одлука. Претседател верен на традициите, на битките за слобода, на делата на великаните врз кои почива македонската држава“, рече Мицкоски.

Гордана Силјановска-Давкова вторпат влегува во трката за претседател на државата откако загуби во вториот круг од изборите во 2019 година. Професорка е на Правниот факултет на УКИМ, независен пратеник во Собранието и дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот парламентарен состав.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ