Живковски изјавата ја илустрира со еден пример.
„Доколку склучите договор за купопродажба на стан, треба да извршите упис во катастарот на четири имотни листови – за станот, земјиштето под зградата, заедничките простории и паркинг местото. Во моментот, за оваа пријава се плаќаат 5.000 денари, но со измените во тарифникот, граѓаните ќе треба да платат само 1.250 денари по правен основ, што претставува намалување од 75 проценти на овој надоместок“, рече тој.
Живковски нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности игра клучна улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности и посочи дека предложените намалувања на цените се само вовед во најголемата реформа за модернизација на катастарот на недвижностите.
Како што информираше, намалување ќе има и за оставинските постапки и договорите за дар каде наплатата ќе биде 1.250 денари по правен основ за една катастарска општина, без оглед на бројот на имотните листови во катастарската општина, а не како до сега 1.250 денари по имотен лист.
Во согласност со процедурите за измена на тарифникот, по добивање согласност од Управниот одбор, Владата исто така треба да даде своја согласност. Живковски напомена дека се очекува сите потребни процедури да бидат завршени во најкраток можен рок, овозможувајќи граѓаните и правните субјекти да добиваат услуги по значително пониски цени.
На средбата Мицкоски и Живковски потенцирале дека ова е само почеток на дигиталната трансформација на Македонија, со планирани проекти кои ќе водат кон подобрување на услугите, модернизација и дигитализација на катастарот. Следуваат денови на реформски процеси и унапредување на сите јавни сервиси поврзани со катастарот на недвижности.
Премиерот Мицкоски по средбата со директорот изјави дека разговарале за сите реформи и за намалувањето на цените.
„Првата работа е дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати поевтинуваат за граѓаните, што ќе значи дека до милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните. Втората работа, којашто исто така е многу важна, дека катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот. Забележавме дека илјадници предмети биле не решени“, додаде Мицкоски.
Тој изрази уверување дека ќе се решат сите нерешени предмети и, како што додаде, илјадници предмети во овие два месеци веќе добиваат разрешница.