среда, 4 декември 2024

Холандската полиција со холограм се обидува да го најде убиецот на проститутка (ФОТО+ВИДЕО)

Холограмот што се појавува на еден од излозите во квартот Црвени фенери е направен според ликот на Унгарката Бернадет Бети Сабо, деветнаесетгодишна сексуална работничка што беше убиена во холандската престолнина во 2009 година. Повеќе од 15 години по нејзината смрт, полицијата се надева дека ќе открие нови информации за нејзиното убиство.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во амстердамскиот кварт Црвени фенери, во излогот седи холограм на девојка. Гледа во минувачите, а потоа како да тропа и дише на стаклото. Стаклото се замаглува и се појавува зборот „помош“.

Фото: ЕПА

Сабо пораснала во сиромаштија во унгарскиот град Њиреѓхаза, пред да се пресели во Амстердам кога имала 18 години и да почне да работи како проститутка, се вели во соопштението на холандската полиција. Набрзо останала бремена, но продолжила да работи во текот на целата бременост, а во ноември 2008 година родила син.

Три месеци подоцна, таа беше пронајдена мртва во собата каде што прима клиенти, лежејќи во локва крв. Била избодена „десетина пати“, соопшти холандската полиција.

И покрај големата истрага, во која полицијата ги прегледа снимките од безбедносните камери, сослушуваше сведоци и го „испреврте“ местото на злосторството, случајот на крај остана нерешен.

Холографскиот приказ на Сабо е создаден за да се пронајдат потенцијални сведоци што можеби знаат нешто за нејзиното убиство, но не се огласиле кога тоа се случило.

„Тешко е да се одреди што би било потребно за потенцијалните сведоци во овој случај да ги споделат своите информации со нас“, вели во соопштение Бенјамин ван Гог, координатор на истражниот тим за исчезнати лица во Амстердам.

„Холограмот Бети може да создаде одредена врска со неа и на тој начин да ја убеди личноста да истапи. Во вакви случаи секогаш се трудиме да го дадеме ликот на жртвата, за да знаат сведоците за кого го прават тоа, а холограмот е начин да направиме чекор поблиску до таа цел“.

Полицијата за кампањата разговарала со семејството на Сабо, рече Ван Гог, додавајќи дека тие се „посветени ова да се направи достоинствено и со јасна цел да се постигне некаков облик на правда за Бети со пронаоѓање на нејзиниот убиец или убијци“.

Елин Руверс, портпаролка на полицијата во Амстердам, изјави за Си-ен-ен дека „никогаш не е доцна за разговор“.

„Истражувањето покажува дека луѓето што вршат ваков вид криминал обично кажуваат некому – поточно барем на две лица – што направиле. Тоа значи дека сигурно има луѓе што знаат повеќе за смртта на Бети“, посочува Руверс.

Наградата за информации поврзани со случајот е зголемена на 30.000 евра. Бидејќи Амстердам го посетуваат туристи од целиот свет, додава Руверс, полицијата ги повикува оние што го посетиле градот во февруари 2009 година да се јават доколку знаат нешто повеќе за случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ