Во соопштението до јавноста се наведува дека холандскиот амбасадор во Македонија, Дирк Јан Коп изразил задоволство од ваквата одлука на холандската влада и рекол дека ова ќе придонесе кон имплементирањето на препораките на оценската мисија на Европската Унија (ЕУ) и зајакнувањето на владеењето на правото во Македонија.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева пак иразила благодарност за, како што се наведува во соопштението, искрената и континуирана поддршка на Холандија и дека „овој гест е доказ за взаемната посветеност за негување на ефективен судски систем“.
Проектот „Зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспрарентноста на Судскиот совет“ стартуваше во 2020 година, а треба да заврши оваа година.
Тонењето на високо профилните случаи на поранешното специјално обвинителство и случувањата во Судскиот совет кои го направија нелегитимно ова тело, се причините за таквата одлука, изјави тогаш во интервју за Радио Слободна Европа холандскиот амбасадор, Коп.
„Тоа е сериозен проблем и болно е за гледање“, изјави Коп.
Минатата година за пет месеци во Судскиот совет се сменија две претседателки. И Павлина Црвенковска и Весна Дамева заминаа од функцијата со обвинувања, Црвенковска обвини за делување на судска- бизнис елита, а Дамева за политички влијанија. Следуваа и оставки на двајца членови на Советот, па разрешување на Дамева кој повторно се врати на чело на Судскиот совет откако Управниот суд донесе пресуда дека незаконски била разрешена.