петок, 4 октомври 2024

Хирург за ранетите во Либан: Извршив повеќе операции на очи за една ноќ отколку во целата кариера

Либански хирург опиша како огромниот број сериозни повреди добиени во нападите со експлозивни направи го принудиле да се однесува „како робот“ само за да продолжи да работи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хирургот Илиас Џараде вели дека лекувал жени и деца, но дека повеќето пациенти што ги видел биле момчиња, пишува Би-би-си.

Хирургот вели дека повеќето од пациентите биле „тешко повредени“ во експлозиите на пејџери и дека многумина го загубиле видот на двете очи.

Загинатите и повредените во Либан главно се борци на Хезболах – вооружена група поддржана од Иран, која со месеци разменува оган преку границата со Израел, а Британија и САД ја означија како терористичка организација.

Но убиени или ранети се и членовите на нивните семејства, како и невини минувачи. Д-р Џараде вели дека ранетите на кои им помогнал „претежно биле цивили“.

За бомбашките напади – во кои загинаа 37 лица, вклучително и две деца – нашироко се обвинува Израел, кој не ја презеде одговорноста. Д-р Џараде работел во специјалистичка болница за очи и уши, каде што биле испратени некои од најтешко ранетите.

„И, да, многу е тешко. Мора да се дистанцираш. Да функционираш како робот. Мора да се однесуваш така, но внатре си длабоко повреден. Ја гледаш својата повредена нација“, вели хирургот.

Хирурзите како него работеа речиси 24 часа на ден на ранетите, од кои многумина го загубија видот или функцијата на рацете, рекол министерот за здравство на земјата за Би-би-си.

Специјалистот за очи, професорот Илиас Варак, изјави за арапскиот разгранок на Би-би-си дека отстранил повеќе оштетени очи за една ноќ отколку за целата своја кариера.

„Беше многу тешко. Повеќето од пациентите беа млади мажи во дваесеттите години и во некои случаи морав да ги извадам двете очи. Во целиот мој живот не сум видел сцени слични на оние што ги видов вчера“, вели тој.

Министерот за здравство Фирас Абијад изјави за Би-би-си дека повредите ќе им го сменат животот на жртвите.

„Ова е нешто што, за жал, ќе бара многу рехабилитација“, рече тој.

Околу 3.200 луѓе беа повредени, од кои повеќето во нападот во вторникот, во кој беа детонирани илјадници пејџери.

Во нападот во средата, во кој беа детонирани двонасочни радија, беа повредени околу 450 луѓе, но загинаа 25, двојно повеќе отколку во експлозиите во вторникот.

Абиад за Би-би-си изјави дека нападите претставуваат воено злосторство.

„Целиот свет можеше да види дека овие напади се случија на пазари. Тоа не беа мажи што се бореа на бојното поле. Тие беа во цивилни области со своите семејства“, додаде тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ