„Можеме да кажеме дека Хезболах нема да покрене операција за одмазда за време на разговорите во Катар бидејќи таа страна не сака да биде одговорна за попречување на преговорите и потенцијалниот договор. Одмаздата може да почека, не е итна и временски ограничена“, рекол тој неименуван извор.
Хезболах се закани со одмазда за израелското убиство на командантот Фуад Шукр во Бејрут во јули, потсетуваат израелските медиуми.
Вчера меѓународните посредници одржаа нова рунда разговори со цел да се запре војната меѓу Израел и Хамас и да се обезбеди ослободување на десетици заложници.
Претставници на САД, Катар и Египет се сретнаа со израелската делегација во главниот град на Катар, Доха.
Палестински Хамас не учествуваше директно во разговорите, бидејќи го обвини Израел дека му додава нови барања на претходниот предлог, кој има поддршка од САД и меѓународната заедница и кој организацијата во принцип го прифати.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, ги означи разговорите како важен чекор и рече дека денеска се очекува продолжување, пренесе Асошиејтед прес.
Прекинот на огнот во Газа веројатно ќе ги намали тензиите во регионот, а дипломатите се надеваат дека ќе ги убеди либански Хезболах и Иран да ја одложат одмаздата за убиството на командантот на Хезболах во израелскиот напад врз Бејрут и на политичкиот лидер на Хамас Исмаил Хание во експлозија во Техеран.