понеделник, 14 октомври 2024

Хашките случаи ќе останат само историја

Без цврста осуда на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество. Ваква порака доби македонската Влада од Советот на Европа со потсетување да се истражат досиејата од четирите т.н. хашки случаи кои пред речиси две децинии Трибуналот во Хаг ги врати во надлежност на македонското судство. Пораката практично, не допира до никого тука. Безрезервно, тука не се пропушта да се каже дека по 2001 година се гради мирно и демократско општество со почитување на законите. И, токму законите, се чини, хашките досиеја ќе ги остават да бидат само историја.

Фото: Википедија

Објавено на

часот

Сподели

Помина цел месец од приемот во Владата  на писмото што го упати комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ со кое побара да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ги префрли на домашните судови. Таа препорачува и одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовира помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи.

Владата не се произнесе јавно за писмото и како што дознавме, не се отворила дискусија по тоа прашање. Можеме да насетиме дека нема политичка волја да се разговара во коалициската Влада и тоа сега пред избори, кога се знае дека дел од лицата кои повторно би се поврзувале со еветнтуални сторители на воени злосторства, се активни политичари, некои и во врвот на политиката и во власта.

Да не беше прашан вчера техничкиот премиер Талат Џафери за писмото од Мијатовиќ немаше ниту да знаеме дека тој категорично смета оти хашките предмети се завршено минато. Веројатно како што е завршено минато конфликтот во 2001 година во кој и самиот учествувал.

„Тоа е прашање регулирано со закон и потврдено со одлуки на Уставниот суд“ рече Џафери одговарајќи на новинарското прашање, и додаде дека меѓународните трибунали не се поврзани со македонското судство.

Дилема секако е дали во македонското правосудство е изводливо да се реактивираат четирите случаите на некогашната ОНА, поднесени од нашето Обвинителство, кои Хаг во 2009 година ги врати и им ги довери на македонските судови за одлучување.

Станува збор за четирите хашки случаи Водство на ОНА, Гробница Непроштено, Липковска брана и Мавровски работници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.

Мијатовиќ во писмото до Владата, како што беше објавено од Советот на Европа, ја испрати и пораката дека без цврста осуда на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.

Сепак, без оглед што писмото е адресирано до Владата, поточно до самиот премиер Димитар Ковачевски кога тој ги броеше последните денови на функцијата, прашањето е дали воопшто Владата треба нешто да преземе, освен декларативно да се произнесе, или „топката“ повторно да се најде во Собранието, имајќи предвид дека обвинителството и судовите се друга власт и тоа независна и дека не ѝ е потребен став на Владата.

Се обративме до државното Јавно обвинителство, кое го потсетивме на хронологијата и амнестијата донесена со собраниското автентично толкување, како и на писмото на Мијатовиќ и поставивме прашање:

„Имајќи предвид дека злосторсвата против цивилното население не застаруваат, дали Јавното обвинителство го има предвид барањето од Мијатовиќ, односно од Советот на Европа и дали ќе ја обнови постапката  по четирите предмети?

Одговорот е кус и јасен:

„Јавното обвинителство нема овластување да отповикува закони и автентични толкувања со сила на закон. Јавното обвинителство ги почитува и применува законите“.

Со други зборови, тоа значи дека за Обвинителството амнестијата од Собранието, кое е законодавен дом, е во сила.

Ванчо Шехтански, адвокат во случајот на 12 киднапирани Македонци од Непроштено, е категоричен дека македонското обвинителство треба да постапи и дека во таа насока ништо не го попречува.

„Нашето обвинителство треба да постапи. И не мора да е битно писмото од Советот на Европа со кое се бара поништување на амнестијата, тоа е веројатно само како декларативно потсетување на тие хашки случаи. Обвинителството од Хаг предметите му ги врати во надлежност на македонското Јавно обвинителство во септември 2009 година и тоа го има решението за враќање на предметите, а  бидејќи предмети за воени злосторства против цивилно население не застаруваат, треба да постапува. Беше отворена истрага, до обвинителен акт не се стаса. Македонското државно обвинителството воопшто не го обврзува амнестијата од Собранието на Македонија бидејќи меѓународното право не познава амнестија на воено злосторство, а нашата држава е потписник на тие меѓународни конвенции како и за владеење на правото“, изјави Шехтански за МКД.мк.

Од четирите предмети вратени назад, според Трибуналот, практично два немале елементи да се најдат во Хаг затоа што немало цивилни жртви, а тоа се случаите Мавровски работници и Липковска брана.

Водство на ОНА третира можни сторени злосторства со цивилни жртви во текот на воениот конфликт под раководство на главните лидери во тогашната ОНА (Ослободителна национална армија, попозната како УЧК, н.з.), додека случајот Непроштено е за злосторство против 12 цивили. И во двата случаи е наведена командна одговорност без конкретни имиња.

Имајќи ја предвид амнестијата, како и тогашната одлука на обвинителството два месеци потоа да го извести судот дека ја прекинува постапката, како и сега писмото од Советот на Европа, го прашавме универзитетскиот професор по кривично право д-р Гордан Калајџиев дали е реално да очекуваме да се активираат овие случаи. Тој изрази сомнеж.

#image_title

„Политички не е реално да имаме такви очекувања, но и правно е комплицирано. Пред одлуката на судот уште и вредеше да се дебатира; сега како res judicata и правно е со мали изгледи“, изјави за МКД.мк професорот Калајџиев.

Има ли тогаш воопшто можност во Македонија по Хашките случаи да се покрене постапка?

Потврден одговор дава професорката по уставно право, д-р Гордана Силјановска Давкова. Таа во понеделникот на седница на Собранието на Македонија изјави дека правна можност постои и предупреди дека писмото од Мијатовиќ не може туку-така да се прескокне.

„Советот на Европа е најстарата европска институција. Дописот на Мијатовиќ треба сериозно да се земе предвид. Мојот едноставен предлог е – Уставниот суд може многу едноставно и тоа веднаш да покрене постапка за испитување на уставноста на автентичното толкување на законот за амнестијата на хашките случаи. Можам да кажам дека делата против човештвото не застаруваат никогаш, значи не може со автентично толкување овие дела да се тргнат. Треба да се признае дека и Советот на Европа доцни со потсетувањето. Секако, мора да внимаваме на автентичните толкувања, бројни држави тој инструмент го тргнаа затоа што претставуваат упад во највисокиот акт на државата. Значи, мора на Уставен суд да се оди. Истото го говорев и во 2009 година и сега тоа го предочувам“, рече Силјановска Давкова.

Шехтански пак вели дека Уставниот суд не е надлежен, односно дека веќе се произнесол така во 2011 година токму по негова претставка конкретно за оваа амнестија и дека било образложено дека Уставен суд не одлучува по автентични толкувања на Собранието на Македонија, односно, вели Шехтански, се оградија. Станува зборува за меѓународно право, нагласува тој и повторува дека обвинителството треба да е на потег.

Сепак, поставивме прашање до Уставниот суд, имајќи ја предвид препораката која доаѓа од Советот на Европа, дали може повторно да постапи во оценување на тогашното автентично толкување од Собранието со кое беше овозможена амнестија и со тоа да се отвори патот за повторно активирање на хашките случаи пред македонското обвинителство.

„Уставниот суд не коментира актуелни прашања во јавноста. Согласно надлежноста која што му ја овозможува Уставот, Уставниот суд постапува по иницијативи, а потоа своето мислење го дава преку одлуките“, ни изјавија од Уставниот суд.

За потсетување, на 19 јули 2011 година, по долга и жестока расправа, Собранието на Македонија го усвои автентичното толкување на член 1 од Законот за амнестија, со што практично се создаде можност за амнестија на лица за кои постоел сомнеж дека се одговорни за кривични дела против човештвото, односно за Хашките случаи кои веќе беа вратени во надлежност на македонското судство. Со гласовите „за“ на 63 пратеници и 29 „против“, тогашното владејачкото мнозинство сметаше дека ги запечати овие случаи кои од Хаг беа препратени на домашно судење, а осомничените ги спаси од кривично гонење. Случајот Мавровски работници беше единствениот започнат процес. Судот во септември 2009 година го затвори предметот откако обвинителството се откажа од обвинение. Првоосомничен беше Шкодран Идризи, осомничен беше и Хисен Џемаили, подоцна пратеник на ДУИ. Беа осмничени уште десет лица, кои се товареа дека на 7 август 2001 година  брутално малтретираа работници од градежното претпријатие Маврово.

Во случајот на 12-те киднапирани Македонци од Непроштено, станува збор за 12 цивилни жртви кои беа киднапирани и исчезнати. Нивните семејства и роднини имаа поднесено кривична пријава до Јавното обвинителство против Даути Реџепи-Лека за сторено кривично дело злосторство врз цивилно население, како и кривична пријава против лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Во случајот Водство на ОНА, може да се претпостави дека одговорноста би се испитувала од врвот на вооружената формација, почнувајќи од нејзиниот тогашен лидер.

Што се однесува до Липковска брана, стануваше збор за одговорност на едно лице кое ги затвори вентилите поради што Куманово, општина со тогаш близу 100 илјади жители, остана 40 дена без вода во време на летни горештини. Во тоа време се пишуваше дека Садула Дураку, на кого му ставија и прекар командант Вентили, го затворил вентилот заедно со уште две лица. Дураку потоа низ политичката кариера дојде и до функцијата министер за животна средина.

Паралелно, се водеше и постапка за случајот Јама, за исчезнување на осуммина Албанци.

Автентичното толкување значеше амнестија за сите сторители на кривични дела поврзани со конфликтот од 2001 година заклучно со 26 септември 2001 година, освен за лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот, а против кои Меѓународниот суд повел постапка. Од меѓународната инстанца не беше поведена постапка зашто случаите беа вратени во надлежност на Македонија и неговото правосудство кое ете, и сега, судејќи според одговорите кои ги доби МКД.мк нема да ги реактивира случаите.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ