Гутереш во Генералното собрание на ОН, на денот кога војната во Газа влегува во петтиот месец, кажа дека е „особено вознемирен“ од извештаите дека израелската војска планира следниот фокус да ѝ биде градот Рафа на југот на палестинската енклава, додека ја води војната против Хамас, кого САД и Европската Унија го означија како терористичка организација.
„Таквата акција експоненцијално би го зголемила она што веќе е хуманитарен кошмар со неописливи регионални последици“, кажа Гутереш.
Израелските сили во кампањата да го уништат Хамас безмилосно го бомбардираа Појасот Газа и извршија копнена инвазија, убивајќи десетици илјади цивили.
„Време е за моментален хуманитарен прекин на огнот и безусловно ослободување на сите заложници“, кажа Гутереш пред Генералното собрание претставувајќи ги приоритетите за 2024.
„Советот за безбедност на Обединетите нации – примарната платформа за прашањата на глобалниот мир – се наоѓа во ќорсокак поради геополитичките предизвици“, кажа Гутереш.
„Ова не е прв пат Советот да е поделен – но е најлош. Денешната дисфункција е подлабока и поопасна“, кажа генералниот секретар на светската организација, додавајќи дека во „денешниот мултиполарен свет“ не постојат механизми како во времето на Студената војна за „управување на односите на суперсилите“.
„Нашиот свет влегува во доба на хаос… опасна и непредвидлива кога сите прават што сакаат целосно неказнето“, истакна тој.
Гутереш ги охрабри светските лидери да ја искористат приликата на „Самитот на иднината“ кој ќе се одржи во септември во Њујорк на маргините на годишното Генерално собрание за да го „обликуваат мултилатерализмот во годините кои доаѓаат“.
Гутереш, кој решавањето на климатските промени го постави како приоритет кога ја презеде должноста во 2017, повтори дека таа криза „останува одлучувачки предизвик на нашето време“ и го повика човештвото „да се смири со планетата“.
„Човештвото водеше војна која можеме само да ја изгубиме: нашата војна со природата. Треба да си луд да избереш таква борба“, оцени Гутереш.