недела, 13 октомври 2024

Груби: Договорот за автопатиштата е таен зошто содржи доверливи информации за работата на „Бехтел и Енка“

Објавено на

часот

Сподели

Владата нема намера да го извади во јавност договорот со „Бехтел и Енка“ затоа што така сакала американската фирма од причини што во договорот имало информации од доверлив карактер кои ако бидат обелоденети може да ѝ нанесат штета на бизнисот. Ова е објаснувањето на надлежните вицепремиери, министри и директори откако МКД.мк вчера упати официјалне допис до Владата во кој праша зошто договорот за изградба на автопатиштата е таен.

„Договорот е класифициран бидејќи е деловна тајна начинот на работа на конзорциумот, кој котира на берзите и со евентуално објавување на делови од договорот може да се влијае на неговото котирање на берзатаи движењето на акциите. Тие информации можат да ѝ откријат на конкуренцијата работи што се однесуваат на бизнис интересите на „Бехтел и Енка“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој додаде дека такви договори земјава имала потпишано и за речиси сите инвестиции во Технолошко-индустриската зона (ТИРЗ) без при тоа да каже дека во 2017 година истата оваа влада јавно ги објави тие договори во име на транспарентноста како едно од нејзините начела на работење.

Бектеши тврди дека „Бехтел и Енка“ на истиот начин работеле и при изградбата на автопатите во Хрватска, Србија, Косово и Албанија.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми посочи дека слични договори кои не се јавни државата има потпишано и со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и оти изборот на изведувачите се прави врз основа на критериумите на ЕБОР.

Првиот вицепремиер Артан Груби пак не знаеше да каже дали на пратениците што имаат безбедносен сертификат може да им биде даден на увид договорот за да знаат за што ќе гласаат.

„Не знам. Тоа веројатно треба да биде со одлука на Владата“, рече Груби на денешната средба со новинарите.

Во меѓувреме вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска изјави дека договорот не треба да се крие од јавноста, освен ако има клаузула за тајност.

Јас не гледам причина зошто договорот да не биде објавен. Станува збор за стратешки договор од национален интерес, не сум сигурна во моментов, ќе проверам дали има евентуално некоја клаузула што би го спречувала тоа. Во спротивно, пак ќе кажам, тоа е договор од национален и стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста, изјави Грковска на новинарско прашање пред промоцијата на проектот „Преосмислување на управувањето“. 

Наспроти ова, портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски денеска на прес конференција изјави дека договорот со Бехтел и Енка ќе биде целосно објавен.

Вчера на прес конференција, ВМРО-Напродна партија побара од Владата да го објави договорот или да го презентираат на коморите, стручните здруженија и невладини организации од оваа дејност.

„Владата да објасни дали измените и дополнување на законите се содржани во договорот како обврска на Владата. Зошто прво е потпишан договорот, а потоа се прават измени на закони кои на стратешкиот партнер му даваат најповластена состојба од сите досегашни инвеститори во Македонија. Истакнувам дека при потпишување на договорите изведувачите односно сега според законот стратешкиот партнер се запознаени со сите постоечки закони кои важат во Македонија и кои ќе се однесуваат и ќе важат при нивната работа и изведување на работите“, истакна пратеникот Љупчо Балкоски.

 

                                                                                                                                                    И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ