Христос Гримпас е дипломец на Државниот конзерваториум во Солун, како и на Универзитетот за уметности во Берлин. Пост-дипломските студии ги завршува на Високата школа за музика во Есен во класата на В. Менделсон. Бил член на младинскиот оркестар на Рајнскиот регион, Меѓународниот младински оркестар и Оркестарот на ЕУ. Наградите кои се впишани во неговата биографија ги вклучуваат, грчкиот натпревар за млади солисти во 1997 година, Меѓународниот натпревар Хелекспо во 1998 година, а добитник е на стипендии од Здружението на љубители на музиката во Атина, од фондацијата Александра Трианти како и од фондацијата Александрос Оназис.
Како солист настапува со оркестрите во Солун, Карлови Вари, оркестрите во Пазарџик и Софија, како и со оркестарот во Днипро и Харков. Има остварено снимки со Симфонискиот оркестар на Грчкото радио.
Во моментот е член на групата виолончела во Државниот оркестар во Солун, а е еден од основачите на ансамблот Транскрипции со кој настапува на меѓународната сцена во музејот Тејт во Лондон, во музејот Кралица Софија во Мадрид, во Мегарон во Атина и други.
Џорџ – Емануел Лазаридис е роден во Грција во 1978 година. Започнува да настапува на осум годишна возраст и од тогаш е добитник на бројни награди и стипендии. Дипломира на Кралскиот колеџ за музика и на Тринити Лабан Конзерваториумот во Лондон, а негови ментори се, Јонти Соломон, Даглас Финсх и Домна Евнухиду. Тој работи и со Алфренд Брендел, Рут Ние, Паул Бадура Скода и Норета Конци Лич. Неговото константно присуство на сцената, повеќе од 35 години успешната кариера го води во САД, Мексико, Русија, Украина, Египет, низ Европа и Блискиот Исток. Настапува пред публиката во Ројал Алберт Хол, во Карнеги Хол во Њујорк и во виенскиот Музикферајн. Како солист настапува со оркестрите во Санкт Петербург, Хамбург, со Кралската филхармонија во Лондон и др, под диригентските палки на Сер Невил Маринер, Инго Мецмахер, Јуриј Темирканов и други легендарни диригенти. Како камерен музичар ја дели сцената со квартетот Медичи, со квартетот Изаи, октетот Виена и др. Снимените изданија на Џорџ-Емануел Лазаридис се високо оценети од стручната меѓународна критика. Еден од основачите е на асоцијацијата АДАП, како и на Меѓународниот фестивал „Музичко село“, а член е и на ансамблот на Четири пијана заедно со Џанис Вакарелис, Ципријан Кацарис и Ахилеас Вастор. Одржува семинари на Конзерваториумот Тринити Лабан, на школата за музика Менхетен, на универзитетите во Бирмингем и Кастелон и други. Четири години предава на Државниот грчки конзерваториум, а неодамна е назначен за асистент на Универзитетот во Солун. Бил уметнички директор на концертните сали во Солун од 2010-2019 година време во кое го основа детскиот хор Мегаро и младинскиот оркестар Мојса. Бил уметнички раководител на фестивалот Деметриа и генерален директор на Државниот конзерваториум во 2019-2020 година.
Концертот ќе се оржи во катедралната црква „Света Софија“ од 21 часот. На програмата се избрани дела на Бетовен, Михаелидес, Лист.