вторник, 15 октомври 2024

Грчките острови преполни со туристи имаат критичен недостиг од лекари и амбулантни возила

Објавено на

часот

Сподели

Некои болници на грчките острови немаат постојани општи лекари, а на многу острови на Кикладите и Додеканезите, едвај едно возило на брзата помош е достапно 24 часа дневно, објави Политико.

Како што се наведува, овој проблем не е својствен само за островите бидејќи во Атина има околу 50 амбулантни возила, наместо 85 до 90 колку што се потребни.

Брзата помош мора да се реорганизира, изјави за Политико претседателот на грчката служба за брза помош, Георгиос Матиопулос.

Матиопулос истакна дека медицинскиот персонал одбива да се пресели на островите бидејќи трошоците за живот таму се енормно зголемени поради растот на туризмот.

Тој рече дека неколку медицински работници биле испратени на островите да помогнат во текот на летната сезона, поради што биле принудени да го прекинат летниот одмор, додавајќи дека тоа е само импровизирано решение.

Во предградие на Атина, во јуни почина 19-годишна девојка во осмиот месец од бременоста додека чекала брза помош повеќе од пет часа, а тогаш починало и нејзиното неродено дете.

Одговарајќи на зголемените критики за смртните случаи кои можеби би можеле да се спречат, грчката влада распореди пожарникари, воен персонал и возачи за да помогнат во решавањето на недостигот на медицински персонал во туристичките области.

Лекарите се незадоволни од ваквата одлука, нарекувајќи ја „непрофесионална потрага по брзи решенија“. Лекарите тврдат дека распоредувањето необучен персонал во итни ситуации може да биде опасно за пациентите на кои им е потребна интервенција на лице место.

Грчкиот парламент на 27 јули усвои амандман за итно распоредување на пожарникари и воен персонал. Премиерот Киријакос Мицотакис беше реизбран на 25 јуни, ветувајќи дека како приоритет ќе го реформира националниот здравствен систем.

Мицотакис вети дека ќе вработи околу 10.000 здравствени работници, вклучително и 800 возачи на брза помош и 250 болничари на мотоцикли.

Од Конфедерацијата на вработени во јавните болници (ПОЕДИН), пак, велат дека ова вработување всушност ќе ги надомести работните места на оние кои неодамна се пензионирале, но дека тоа не е доволно за подобрување на квалитетот на негата.

Од ПОЕДИН наведуваат дека во последните две и пол години од јавниот сектор си заминале околу 10.000 здравствени работници, а годинава се очекува да си заминат уште 5.000.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ