Според Обвинителството, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, свесно ги повредил законските прописи при именување вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Радолишта.
„Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12 јануари 2022 година за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа. Именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12 јануари 2022 до 31 јули 2023 година, за кој период и биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето“, информираа од Јавното обвинителство.
Ова е осмо по ред обвинение за струшкиот градоначалник, а четврто за незаконско поставување на директори на основни училишта на територијата на општина Струга.
Во мај годинава, ОЈО Струга поднесе два обвинителни предлози против Мерко за несовесно работење во службата.
Во првиот предмет Мерко ги прифатил како законски фалсификуваните документи во постапка за полагање стручен испит на наставничка која подоцна ја назначил и за в.д. директор на училиштето во село Велешта за периодот од 19 април 2022 до 06 септември 2023 година. Во овој предмет обвинети се уште и тогаш наставничката по француски јазик која подоцна била и именува а в.д. директорка, како и тогашните директор и помошник-директор на училиштето.
Во вториот предмет, Мерко исто така е обвинет за несовесно работење во службата бидејќи донел решение со кое за в.д директор на основно училиште во селото Подгорци именувал лице кое не ги исполнувало условите, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, како што е предвидено во Законот за основно образование.
„Иако не ги исполнувало условите, лицето ја извршувало директорската функција во периодот од 11 ноември 2022 до 25 април 2023 година“, информираа тогаш од Јавното обвинителство.
Во март годинава ОЈО Струга поднесе обвинителен предлог против Мерко за незаконско поставување на директор на основното училиште во село Лабуништа.
„Обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга,на 31 јануари 2022 година, ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот. Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси“,информираше тогаш Јавното обвинителство.