понеделник, 14 октомври 2024
Тензии меѓу Општина Куманово и Владата

Градоначалникот Димитриевски обвини за одземање на ингеренциите, од МТСП велат дека одлуката ќе биде поништена

Објавено на

часот

Сподели

Повторно тоа министерство и министерката Јованка Тренчевска вршат обид за одземање на ингеренциите на Општина Куманово со цел во нетранспарентна постапка, вршејќи притисок на локалната самоуправа да се изнуди ново решение за директор коешто евентуално би било избрано по партиски клуч, спротивно на законот и заложбите според Уставот за децентрализација на власта во државата, рече Димитриевски.

„Јас на 29 март без претходно извршен инспекциски надзор од страна на Секторот за инспекциски надзор во областа на социјалната заштита и заштита на деца којшто е под надлежност на ресорното министерство добив укажување за определени материјални и процедурални недостатоци во работата на органите на општината со кое укажување ми предочија во најкус можен рок,замислете, од еден ден од приемот на истото укажување, да отпочнам со постапка за објавување на јавен оглас за избор на директор во ЈОУ „Ангел Шајче“ – Куманово.

Тој потоа додаде дека било постапено по укажувањето и било издадено решение за објавување на огласот, за што и бил пратен допис до министерството и службено е проследено до јавната установа.

„За жал, и покрај тоа што постапивме согласно законот и укажувањето, на 3 април од страна на ресорната министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска е издадено решение за одземање на вршење на соодветни надлежности на градоначалникот на општина Куманово, а поврзани со избор на директор во оваа јавна установа. По втор пат се врши обид и делумно се одземаат надлежностите на локалната самоуправа од страна на министерката која,  според мене, треба да ја објасни самата постапка и како е дојдено до ова решение, бидејќи општината нема прекршено до овој момент ниту еден законски пропис.

Во експресно брзата постапка повеќе од јасно е дека со ваквите постапки од страна на ресорното министерство и владата се врши притисок врз градоначалникот и локалната самоуправа во постапки за избор на директор и во оваа јавна установа по втор пат се одземаат ингеренции во истата институција при што на ваков начин се врши целосна централизација на власта, а се суспендира директно локалната власт“, нагласи градоначалникот.

Димитриевски го постави прашањето дали станува збор за повторен обид за наметнување на кадровско решение за иден директор во јавната установа од редовите на политичка партија, односно, „врвна активистка и носителка на повеќе партиски функции во мојата поранешна партија СДСМ“?

„Дали е ова обид за прикривање на дводецениското неуспешно работење и директорување на актуелната директорка на оваа јавна институција?“, праша Димитриевски и потоа прашањето директно го упати до премиерот Димитар Ковачевски дали тој стои зад вакви, како што рече, незаконски, централистички и недемократски одлуки и дали е тоа уште еден обид за ставање под нивна контрола на Куманово.

Инаку , од Министерството соопштија дека одлуката ќе ја поништат, бидејќи локалната власт постапила согласно нивните укажувања. Како одговор на прашање од агенцијата МИА, наведуваат дека по добиено известување од ЈОУДГ „Ангел Шајче“ Куманово дека мандатот на постојниот директор завршува заклучно со 31 мај годинава, управниот одбор на јавната установа на 1 март годинава , го известил градоначалникот да донесе одлука за објавување на оглас за избор на директор.

„Бидејќи градоначалникот не постапил по известувањето Министерството за труд и социјална политика на 27, март му достави укажување за постапување, согласно законот за заштита на децата со оглед на итноста од еден ден. Бидејќи во рокот градоначалникот не постапи беше донесена одлука за одземање на ингеренциите на ден 3 април. Следниот ден градоначалникот доставил одлука до градинката, а денес. го извести и министерството дека ја донел спорната одлука на ден 31.март. Бидејќи е постапено по укажувањето одлуката за одземање на ингеренциите министерството ќе ја поништи“, соопшти министерството.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ