петок, 17 јануари 2025

Градоначалничката Арсовска тврди дека ќе нема потреба од дотур на вода додека трае санацијата на водоводната мрежа

Нема да има потреба од дотур на вода, затоа што санацијата на дефектот нема да трае повеќе од една редовна санација на било кој дефект којшто го имаме во градот, посочи денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска на акцијата за засадување на дрвца кај новиот Мега Парк во општина Карпош заедно со првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и евроамбасадорот Михаил Рокас. Таа уште кажа дека проблемите на скопјани поради кризите со јавните градски претпријатија се политички мотивирани и се решаваат многу едноставно. Според неа, нив треба да ги решат 45 луѓе коишто земаат по 600 евра за присуство на седница во Советот на град Скопје.

„Како што постои во парламентарна демократија Парламент којшто носи закони коишто Владата ги спроведува, така и во градот Скопје постои Совет којшто мора да донесе одлука за градоначалникот и директорите на јавните претпријатија да ги спроведат. Верувам дека на целата јавност веќе по три години им е јасно дека ова се е политички мотивирано и дека доколку тука би стоел некој полтрон којшто би бил корумпиран, би ги решавал проблемите како што тие сакаат, да ги брцаат рачињата во медот на секои пет минути како им е ќеиф, вакви проблеми ние немаше да имаме“, рече Арсовска во одговор на новинарско прашање.

Прашана за колку дена има ЈСП Скопје нафта за автобусите од интервентната набавка и кога ќе се распише тендер, рече дека не би знаела.

„Јас не распишувам ништо ново, тоа би требало како прашање да го упатите до директорот на ЈСП“, посочи Арсовска.

За договорот што Советот го постигна со приватните автобуски превозници во градот за превоз по километар оцени дека бил паушално направен и без методологија поради што има мала разлика од усогласувањето кое сега им е понудено и кое, како што рече, е направено согласно параметрите што ги диктира пазарот.

„Има мала разлика меѓу договорено, тоа е нешто кое што паушално беше направено пред некои 15-ина дена и ова кое што се работеше во изминатите две недели, а тоа е согласно методологија која што е изгласана од страна на Советот на град Скопје која што е активна како одлука на Советот на град Скопје со параметрите коишто ги диктира пазарот. Беше направена сериозна анализа од страна на службите, независни експерти, професори и вешти лица коишто беа ангажирани во овој процес во изминатите две недели коишто направија токму цена која што е онаа која што одговара на потребите на пазарот, односно усогласување кое што пропорционално ќе се изврши на цените коишто треба да бидат платени кон приватните превозници“, појасни Арсовска.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во одговор на новинарско прашање во врска со најавениот прекин на вода во сабота, Арсовска рече дека очекува санацијата на дефектот да биде завршена во текот на едно деноноќие, односно како што рече, согласно планот изготвен од страна на техничките лица од јавните скопски претпријатија, санацијата се очекува да биде завршена во што е можно во пократок рок.

„Овој дефект е еден од четирите којшто ќе се санира и којшто ќе биде завршено во текот на викендот се подготвени од страна на техничките лица на јавните скопски претпријатија согласно планот да се направат што е можно во пократок рок, така што за истото нема да има никаква потреба од дотур на вода, затоа што нема да трае ништо повеќе од една редовна санација на кој било дефект којшто го имаме во градот. Сите оние коишто сакат од политички или какви било други побуди да креираат неизвесност или пак страв меѓу населението апелирам тоа да не го прават затоа што службите коишто работат во градот и согласно онаа студија која што ја изготвивме за состојбата во која што се наоѓаат магистралните цевководи мислам дека апсолутно ќе биде завршено во текот на едно деноноќие“, рече Арсовска.

Затворањето на една од главните доводни цевки на магистралниот водоводен цевковод, Арсовска додаде дека се случува еднаш на 50-60 години и истото било одложуивано повеќе од една деценија.

„Се работи за зафат кој има сериозен и сложен оперативен план. Значи, затворање на една од главните доводни цевки на магистралниот водоводен цевковод, нешто кое што се прави како операција еднаш на 50-60 години и она кое што е навистина значајно за Скопје и за скопјани е дека континуирано повеќе од една деценија се одложувало санирањето кое што е неопходно за да имаме мрежа која што ќе трае и во наредните 50 години на истиот начин на којшто ги опслужувала граѓаните како и досега“, рече Арсовска.

Таа уште кажа дека проблемите на скопјани поради кризите со јавните градски претпријатија се политички мотивирани и се решаваат многу едноставно. Според неа, нив треба да ги решат 45 луѓе коишто земаат по 600 евра за присуство на седница во Советот на град Скопје.

„Тоа е единствениот начин“, порача денеска градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ