„Како исклучително динамичен и луциден дух, Ристо Лазаров сака да живее во склад со пулсот на своето време, сака да биде ангажиран автор (во сартровска смисла). И успева во тоа. Во текот на своите седум и пол децении животна авантура, овој наш реномиран поет ја исцртува сопствената поетска траекторија во духот на времето, од збирката првенец Ноќна птица во паркот (1972), до најновата, триесет и шеста објава – Господ во бели патики (2024).
Поезијата на Лазаров се соочува, одлучно и непоко- лебливо, остроумно и критички, со сите историски и актуелни цивилизациски подеми и падови, со националните и универзалните неправди и порази, како на пример, преку мемориската матрица за ‘гасните комори на Аушвиц'(‘Црна песна’) или преку евоцираната судбина на Македонија со векови / претоварена со жални песни / и стрвни крлежи (‘Крлежи’), но исто така и преку реминисценциите за раскошната ‘водена вселе- на’ наречена Титаник со која потонал стариот век додека величествено свирел бродскиот оркестар (‘Јарбол’) или преку пророчките визии за ‘новата апокалипса’ која подмолно ги тресе / нашите и светските плоштади, а која е проследена со првите тактови / на Бетове- новата Хероика (‘Апокалипса’).
Сеедно дали гледа во ретровизорот наназад – во историјата како прав / измешан со отров за глувци, ‘скриена ножица’ за кастрење на старите корени, но и луксузен салон (‘Отров за глувци’) – или пак кореспондира со виртуелната реалност – Цели народи на светов и веков / летаат на вештачки волшебни килимчиња (‘Волшебни килимчиња’) – поетот го крева својот глас во име на универзалните хуманистички вредности“, вели во поговорот кон оваа книга, нашата реномирана есеистка, професорката Лидија Капушевска – Дракулевска.