Саб кажа дека Гонзалес и Мачадо „лажно се прогласија за победници на претседателските избори“ и дека станува збор за кандидат кого за победник не го прогласил Националниот изборен совет, кој е единствениот со надлежност тоа да го направи.
Обвинителот додаде дека тие двајца отворено поттикнуваа полициски и воени функционери да не го почитуваат законот.
Според него, Гонзалес и Мачадо извршиле и други кривични дела, вклучувајќи узурпација на функција и ширење лажни информации со цел предизвикување страв и заговор.
Гонзалес и Мачадо претходно во пишана порака ги повикаа припадниците на безбедносните сили на Венецуела да му откажат послушност на претседателот на Венецуела Николас Мадуро.
„Апелираме на совеста на војската и полицијата да се стават на страната на народот и нивните семејства. Победивме на овие избори без каков било сомнеж. Сега треба сите ние да го почитуваме гласот на народот“, порачаа Гонзалес и Мачадо.
По изборите одржани на 28 јули, изборната комисија на Венецуела го прогласи Мадуро, кој е на власт од 2013 година, за победник со 51 отсто од гласовите, но опозицијата тврди дека е извршена кражба и дека нејзиниот кандидат Гонзалес победил со 6 отсто од гласовите.