недела, 13 октомври 2024

Гласањето во Собранието покажа дека нема доволно гласови за уставни измени, можеби ниту кај власта

Објавено на

часот

Сподели

Вчера, на прес-конференција што премиерот Димитар Ковачевски ја одржа во Владата, на новинарско прашање, рече дека Илија Николовски нема двојби во своето расудување, туку дека имал технички проблем при притискањето на копчето за гласање. За Диме Велковски рече дека бил отсутен што уредно го пријавил  кај претседателот на Собранието информирајќи го дека оправдано не може да дојде на седницата. Ковачевски рече дека власта нема проблем со своите избраници во парламентот. 

Доколку сите пратеници од владејачкото мнозинство гласаат за уставни измени кога тоа ќе го закаже претседателот на парламентот, ќе се види дали остануваат уште осум гласови од опозицијата неопходни да се дојде до бројката од 80 пратеници, што претставува потребното двотретинско мнозинство, за по ова гласање, да се оди и на гласање за донесување на уставните измени.

Вчера во Собранието, откако завршија дискусиите на пријавените пратеници, а седницата беше прекината, во име на опозициската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски рече дека требаше да биде прифатено неговото барање искажано на седницата во форма на деловничка реакција, и да се пристапи кон гласање со цел да се види и практично, дали постои политичка волја за уставни измени.

Тој го повтори ставот дека уставни измени под бугарски диктат нема да има, што се потврди и со седницата и се виде дека власта изминатите месеци, како што рече сееше магла.  Но, нагласи, токму и затоа, и затоа што немаше јавна политичка и експертска расправа претходно, дека сега  предвремени парламентарни избори мора да има. 

Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на седницата порача дека Предлогот за дополнување на Уставот има само единствена релација и мотив – влез во Европската Унија, тоа што го бараат граѓаните, а уставните измени кои се пред нас не загрозуваат ни едно македонско идентитетско прашање.

„Ние заради нас самите мора да бидеме европска држава. Знам дека овој пат не е ни лесен ни краток, но цврсто знаеме дека ново вето од кој било нема да има на европскиот пат“, порача премиерот Ковачевски, нагласувајќи дека предлогот за уставни измени е македонски, пишуван тука, поддржан од ЕУ и од САД.

Пратеничката Гордана Силјановска Давкова на седницата, која говореше во име на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ го искажа и својот личен став како уставен експерт.

„Сите мој колеги, професори конституционалисти велат дека наметнатите уставни измени не одат рака под рака со европската демократија. ЕУ мора да ги почитува европските вредности. Изборниот законик не се менува во последните шест месеци пред изборите. Ни Уставот не се менува една година пред крајот на мандатот. Од кого ви извира легитимитетот за уставни измени – од ЕУ или од граѓаните. Каде го добивте мандатот за овие измени? Дали го истакнавте ова на последните избори? Според член 2 став 2 од Уставот суверенитетот извира и им припаѓа на граѓаните. Треба ли да ги прашате граѓаните дали се за ваква измена. Колеги, се согласивте на измени, но не сте законодавен орган и не можете да преземате обврски, неповикани да земате туѓи таботи“, рече Силјановска.

Потоа, на прес-конференција во Владата премиерот Ковачевски порача дека проевропската коалиција нема да подлегне на неодговорното и недржавничко однесување и, како што нагласи, ќе направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата. 

Својот став дека се потребни уставни измени со цел да не се изолира Македонија од европските интеграции и да заостане зад Албанија и Србија, го искажа и претседателот Стево Пендаровски во гостување на Сител телевизија.

„Што друго е понудено од опозицијата како алтернатива? Движење на неврзаните? Неутралност? Тоа е срамно и погубно да се каже од која било политичка структура. Тие требаа да кажат пропадна ова што вие го предлагате, ние мислиме – вака трееба да биде. Што предлагаат тие наместо ова што денеска пропаднало? Која е алтернативата? Да дојдеш прво на власт па пак ќе правиш две третини, со кого? Пак со мене, со тебе, со истите луѓе? Со истите политички структури? Несериозно е. Ако пропадна денеска ЕУ, прашувам – дали се враќаме на старата дебата од 1991 – 1992 година кога велиме на каде ќе одиме, на запад, на исток? Денеска имаше и такви дебати – запад или исток. Кој е истокот, Руската Федерација? И понатаму тврдам, дека ова што го имаме на маса и што опозицијата пежоративно и непотребно го нарекува „бугарски диктат“, а се работи за француски предлог и европска рамка, навистина не ми е јасно како се обидуваат да се мајтапат со толку моќна земја на ЕУ, со Франција, и да велат дека тоа не е француски предлог и европска рамка, туку е „бугарски диктат“. Нивниот конпцет е – дајте да дојдеме на власт, па потоа ќе му ја мислиме за двете третини. Тоа не е политички концепт“, рече Пендаровски

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ