среда, 6 ноември 2024

Ѓубрето од Виница ќе се фрла на нова привремена депонија

Советот на Општина Виница на денешната редовна седница донесе одлука за определување нова локација во близина на селото Драгобраште, на која комуналното претпријатие Солидарност привремено ќе го депонира отпадот од домаќинствата и фирмите.

Објавено на

часот

Сподели

Главна причина за ваквото времено решение е што на комуналните возила на претпријатието не им е дозволено да го носат отпадот на депонијата кај кочанското село Бели, поради блокадата на пристапниот пат што неколку дена ја организираат жителите на Кочани и околните населени места.

„Заедно со градоначалникот и комуналниот инспектор разгледувавме неколку можни локации во општината и утврдивме простор што се наоѓа во близина на селото Драгобраште, од манастирот Свети Спас по таканаречениот Среден Дел, а што порано бил користен како стар пат кон Виница. Местото е рамно, до манастирот води асфалт, а потоа продолжува земјен пат од околу 500 метри, по кој камионите за отпад можат да поминуваат. Нема шума, ниту бујна вегетација, а во консултација со претставник од противпожарната единица, бидејќи мора да има пристап и за противпожарно возило, оценивме дека оваа локација е најсоодветна. Депонирањето на отпадот таму се надевам дека ќе биде за краток период, односно додека да се создадат услови повторно да почнеме да го носиме на депонијата кај Кочани“, истакна Игор Спасевски, директор на ЈКП Солидарност од Виница.

За да може да се користи новоопределената локација, претходно ќе биде побарана согласност од Министерството за животна средина. Поради граѓанската блокада на пристапот до депонијата кај селото Бели, веќе четири дена комуналните претпријатија од Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново- Облешево не го собираат отпадот, а на вчерашниот состанок на градоначалниците од овие општини, меѓу другите заклучоци, беше договорено да се најдат привремени локации за депонирање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ