среда, 15 јануари 2025

Ѓорѓиевски ѝ порача на Арсовска да не се крие од скопјани, таа го повика на јавна дебата

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, продолжуваат со јавните препукувања околу подготовката на буџетот за 2025 година, обвинувајќи се меѓусебно за хаосот и недостатокот на соработка во локалната самоуправа.

Објавено на

часот

Сподели

Ѓорѓиевски ја обвини Арсовска дека ги исклучува општините од процесот на изработка на буџетот, барајќи таа да „престане да се крие“ и да ги внесе приоритетите на скопските општини. Арсовска возврати со остар допис, критикувајќи го неговото знаење и компетентност.

„Навистина е тажно да се читаат ‘соопштенијата’ на градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, кои изобилуваат со небулози и докази на функционална неписменост,“ стои во реакцијата на Арсовска. Таа тврди дека предлог-буџетот на Град Скопје е веќе доставен до Советот на Град Скопје во законски утврдениот рок и дека обвинувањата на Ѓорѓиевски се неосновани.

Според Арсовска, проблемот со меѓуопштинската соработка лежи во постапките на советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ или не знаат да читаат, па по навика гласаат против на седниците на Советот на Град Скопје, или намерно ги блокираат меѓуопштинските проекти и соработка на градоначалниците од своите партиски редови,“ изјави таа.

Градоначалничката на Град Скопје упати и личен предизвик кон Ѓорѓиевски, нудејќи му јавна дебата за споредба на реализираните проекти.

„Бидејќи неговиот шеф Мицкоски одбива телевизиска дебата, му предлагам на Орце Ѓорѓиевски во термин и место кое нему му одговара да ги соочиме реализираните проекти од неговата програма. Ќе биде евидентно дека, и покрај целосната поддршка која ја има во Советот на Кисела Вода, сепак нема реализирано што ветил пред граѓаните. Вистината е непријатна за ВМРО-ДПМНЕ,“ стои во дописот на Арсовска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ