петок, 6 декември 2024

Германскиот канцелар прифаќа да се гласа за доверба на владата пред Божиќ

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека прифаќа парламентот пред Божиќ да гласа за доверба на неговата влада, потег што ќе го отвори патот за предвремени избори по распадот на владејачката коалиција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е порано од датумот 15 јануари што тој го предложи минатата недела и резултат на притисокот за довербата да се гласа што е можно поскоро.

Шолц го отпушти министерот за финансии Кристијан Линднер од Либерално-демократската партија, со што се распадна неговата коалициска влада составена од социјалдемократите, зелените и либералите.

Канцеларот потоа рече дека би сакал до крајот на годината да донесе неколку важни закони во Бундестагот, а потоа да побара гласање за доверба во средината на јануари.

Тоа би значело дека изборите би можеле да се одржат до крајот на март следната година.

Незадоволната опозиција, пак, побара Шолц да иницира гласање за доверба што е можно поскоро, по можност следната недела, за што поскоро да се одржат нови избори.

Според анкетите на јавниот сервис ЗДФ, 84 отсто од Германците сакаат изборите за Бундестагот да се одржат што е можно поскоро.

Според анкетите на институтот Форс, 57 отсто од граѓаните сакаат социјалдемократскиот кандидат на предвремените избори да не биде Шолц, туку актуелниот министер за одбрана Борис Писториус.

И меѓу гласачите на СПД, мнозинството од испитаниците, 58 отсто, го сакаат Писториус за свој кандидат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ