Според Фајненшл тајмс, украинските и европските претставници рекоа дека сојузниците на Украина во Европа и САД, меѓу кои и некои влијателни републикански политичари, го советувале Зеленски како подобро да формулира предлози што ќе поттикнат поблиска соработка меѓу САД и Киев, за САД да не престанат да ја снабдуваат Украина со потребната помош.
Според луѓе вклучени во развојот на Планот за победа на Украина, планот бил насочен конкретно кон Трамп и во него биле вградени две идеи предложени од сојузниците на Украина. Овие предлози му биле претставени на Трамп кога Зеленски се сретна со него во Њујорк во септември.
Еден од нив предвидува замена на дел од американските војници стационирани во Европа со украински сили по војната. Друг предлог, кој прв го изнел републиканскиот сенатор и сојузник на Трамп, Линдзи Греам, е да се споделат клучните природни ресурси на Украина со западните партнери.
Трамп бил „заинтересиран“ за овие две точки, рекло за ФТ лице упатено во состанокот. Одделно, деловните лидери во Украина, исто така, преговараат со украинската влада за да му понудат на Трамп овластувања за „инвестициска проверка“, што би му овозможило практично да избере кој може да работи во Украина.
Едно лице вклучено во планирањето на предлогот ја опишало идејата како „ABC – Anybody but China“ (Кој било освен Кина), што може особено да му одговара на Трамп. Имено, украинските индустрии што зависат од кинеската технологија и материјали, како што се телекомуникациите, би можеле да се префрлат на американски добавувачи и да привлечат повеќе западни инвестиции, вели изворот на ФТ.
Идејата е во рана фаза, но некои деловни лидери блиски до кабинетот на претседателот веруваат дека тоа би можело да му се допадне на Трамп. Досега, сојузниците на Украина на Запад реагираа прилично млако на украинскиот план за победа, а особено на идејата за формално поканување на Украина во НАТО и доставување помодерно оружје.