Франс прес јавува дека доаѓањето на Трамп во Париз, неговото прво патување во странство од победата на американските претседателски избори на 5 ноември, е негово големо враќање на меѓународната сцена.
Церемонијата на повторното отворање на готското здание по разорниот пожар во 2019 година ќе биде можност за светските лидери да слушнат од новоизбраниот американски претседател какви се неговите намери за остатокот на планетата.
За време на својот прв мандат меѓу 2017 и 2021 година републиканскиот лидер прекина многу дипломатски норми.
Меѓу педесетината светски лидери кои францускиот претседател Емануел Макрон ги повика во Париз е и американскиот претседател во заминување Џо Бајден, но него на церемонијата ќе го претставува сопругата Џил.
Трамп на својата платформа Трут соушал во понеделникот го најави доаѓањето во Париз и го пофали францускиот претседател дека „завршил извонредна работа внимавајќи катедралата Нотр Дам да биде реставрирана така што ќе го врати целиот свој сјај, и дури и повеќе од тоа“.
Трамп не кажа дали ќе разговара со другите лидери, но француското претседателство соопшти дека во Елисејската палата ќе го прими францускиот претседател, кој потоа ќе го прими украинскиот претседател Зеленски.
Бидејќи американскиот претседател повеќепати кажа дека има намера силно да се одвои од политиката на голема поддршка на Украина, која администрацијата на претседателот Бајден ја спроведуваше од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, Трамп вети дека ќе го реши судирот дури и пред да ја преземе власта на 20 јануари, иако никогаш не објасни како има намера тоа да го направи.
За Емануел Макрон, кој е среде превирањата во врска со паѓањето на владата, повикот упатен кон Трамп дава впечаток на нешто веќе видено, кога францускиот претседател се обидува да омекне еден американски претседател познат по импулсивното дејствување, и со кој во минатото имаше длабоки несогласувања, пишува Франс прес.
За Европејците контрастот во стилот меѓу Џо Бајден и Доналд Трамп не може да биде поголем. Додека демократскиот претседател во заминување и Емануел Макрон неодамна соработуваа да го олеснат кревкото примирје меѓу Израел и Либан, Доналд Трамп сигурно ќе се дистанцира од Европејците во врска со прашањето за Блискиот Исток и ќе формира уште поблизок сојуз со Израел, наведува АФП.
За време на неговото доаѓање во Белата куќа во претходниот мандат во 2017 година, првото заминување на Трамп во странство беше патот во Саудиска Арабија на потпишување на една спогодба.