„Во петокот вечерта бевме сведоци на неверојатна сцена, обележана со бруталност и понижување, чија цел беше да го принуди украинскиот претседател Володимир Зеленски да попушти пред барањата на својот напаѓач“, рече Бајру во говорот пред француското Национално собрание, мислејќи на навредите на Трамп кон Зеленски во Белата куќа по неколкунеделните сè поблиски односи со рускиот претседател Владимир Путин.
Иако Бајру нема големо влијание врз надворешната политика, што е одговорност на претседателот на државата, неговата изјава беше многу поостра од внимателно одмерените коментари на Емануел Макрон и другите европски лидери кои се обидуваат да го спасат она што остана од сојузот со САД. Макрон во неделата рече дека е разбирливо што сцената предизвикала силни реакции и сомнежи за долгорочната американска поддршка за Европа.
И покрај тоа, Макрон ги повика Трамп и Зеленски повторно да воспостават дијалог.
„Мислам дека сите, по гневот, мора да се вратат на мирот, почитта и благодарноста за да можеме нешто конкретно да направиме“, рече Макрон и додаде: „Сакам Американците да разберат дека повлекувањето од Украина не е во нивен интерес“.
Сцените од Белата куќа го шокираа светот и ги натераа многу европски лидери да се запрашаат дали Американците сè уште се сојузници.
„Имаше две жртви во таа сцена – безбедноста на Украина, која се бори за својот опстанок и идејата за сојузот што го имавме со САД“, рече Бајру. „Од нас се бара да прифатиме стандарди кои се неприфатливи за нас… да се откажеме од пристојноста и да се согласиме со непристојноста што сакаат да ни ја наметнат“.
Бајру зборуваше пред дебатата во францускиот парламент за европската безбедност и војната во Украина, иако тоа беше неофицијална дискусија без правни последици. Меѓу говорниците беше и лидерката на екстремната десница Марин Ле Пен, чија партија и сојузници имаат околу една третина од местата во парламентот. Ле Пен уште еднаш повтори дека нејзиниот политички блок е против секоја идеја за заедничка европска одбрана.
Иако Макрон сам носи одлуки за воени прашања, парламентот одлучува за законите што се однесуваат на одбраната, вклучувајќи го и воениот буџет. Може да се зголеми доколку Франција одлучи да инвестира повеќе во својата војска.
За време на викендот, Макрон ги повика европските земји значително да ги зголемат трошоците за одбрана на повеќе од 3 отсто од БДП. Во моментов Франција издвојува 2,1 отсто од БДП за војската.