„Ова не е првпат да гледаме неодговорна реторика од Владимир Путин. Вака не треба да зборува лидер на земја со нуклеарно оружје“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Во говорот рускиот претседател му се обрати на Западот, велејќи: „Тие мора да разберат дека и ние имаме оружје што може да погоди цели на нивна територија. Сето ова навистина се заканува со конфликт со употреба на нуклеарно оружје и уништување на цивилизацијата“.
Американскиот функционер потсети дека Вашингтон претходно комуницирал со Русија „за последиците од употребата на нуклеарно оружје“.
„Немаме знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје“, рече тој.
Во четвртокот, францускиот министер на вооружените сили Себастиен Лекорну го повика Путин „да не биде неодговорен“.
„Внимателно слушав што рече претседателот на Руската Федерација утринава. Кога претставувате нуклеарна сила, немате право на неодговорност и да предизвикувате ескалација“, им рече Лекорну на новинарите.
Рускиот претседател „зборуваше и за заканите кои доаѓаат од Запад. Нема закани за Руската Федерација“, продолжи Лекорну. „Тоа е говор кој се состои од глумење жртва и нападнат, а сите добро знаат дека Русија е агресор во Украина“.