среда, 11 декември 2024

Франција ја повика Кина да ја натера Русија да го прекине конфликтот во Украина

Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне денеска ја повика Кина да испрати „многу јасна порака до Русија“ за војната во Украина и нагласи дека Париз треба да одржува силни економски односи со Пекинг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Очекуваме Кина да испрати многу јасни пораки до Русија. Очигледно е дека Кина игра клучна улога во независноста, почитувањето на меѓународното право, вклучувајќи го и суверенитетот на Украина“, рече Сежурне во Пекинг на заедничката прес-конференција со неговиот кинески колега Ванг Ји.

Кина, која се претставува како неутрална страна, но чии односи со Русија се продлабочија од почетокот на конфликтот, се залага за политичко решение за ставање крај на конфликтот во Украина.

Сежурне рече дека оваа војна ја засегнува целата меѓународна заедница.

„Убедени сме дека нема да има траен мир ако за ова не се преговара со Украинците. Нема да има безбедност за Европејците ако нема мир во согласност со меѓународното право. За нас ова е суштинско прашање, поради што Франција е решена да одржи близок дијалог со Кина“, рече Сежурне.

За време на посетата на Кина, францускиот министер ќе учествува на отворањето на изложбата „Версај и забранетиот град“, во Забранетиот град во Пекинг, каде што ќе бидат изложени околу 60 уметнички дела и скапоцени предмети од Версајската палата.

„Оваа година се одбележуваат 60 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и Франција, како и година на културен туризам меѓу двете земји“, објави минатата недела француската дипломатија.

Францускиот министер за надворешни работи е втор пат за помалку од шест месеци во посета на Кина. Во ноември, тогашната шефица на француската дипломатија, Катрин Колона, го посети Пекинг.

Францускиот претседател Емануел Макрон ја посети Кина во април 2023 година.

Во 1964 година, Франција, под водство на генералот Шарл де Гол, беше првата голема западна земја што воспостави дипломатски односи на амбасадорско ниво со Кина.

Тогаш храбрата одлука кинеските власти редовно ја наведуваат како пример за независна дипломатија, а тоа го повтори и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји за време на неговата посета на Париз во февруари.

„Кина ја цени посветеноста на Франција кон независност и автономија“ на нејзината политика, му рече Ванг Ји на Емануел Макрон.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ