Бајро, сојузник на Макрон, е градоначалник од југозападниот дел на Франција и е лидер на партијата Модем. Императив на претседателот е да обезбеди Бајро да остане на функцијата подолго од неговиот претходник.
Поминаа девет дена откако француските пратеници го сменија поранешниот преговарач за брегзитот Мишел Барние. Макрон е на средина на својот втор претседателски мандат, а Бајро ќе биде негов четврти премиер оваа година.
Француската политика е во блокада откако Макрон летоска распиша вонредни парламентарни избори.
Анкета на БФМТВ неделава покажа дека 61 отсто од француските гласачи се загрижени поради политичката ситуација.
Макрон упорно инсистира дека ќе остане на власт до крајот на својот мандат во 2027 година, и покрај падот на Барние минатата недела.
Францускиот претседател ја скрати својата посета на Полска, и се очекуваше уште синоќа да именува нов премиер, но одлуката ја одложи за денес. На речиси двочасовниот состанок, кој француските медиуми го опишуваат како напнат, Макрон и Бајро разговараа во Елисејската палата.
Непосредниот предизвик на Бајро е формирање влада која нема да биде сменета како таа на неговиот претходник во народното собрание.
Макрон одржа разговори со лидерите на главните политички партии, освен со крајно левичарската Исправена Франција на Жан Лук Меланшон и крајно десничарскиот Национален собир на Марин ле Пен.
Прашањето кое лебди е дали ќе успее да ги убеди партиите од левиот центар да се придружат на владата на Барјо или барем да ја поддржат за да не го сменат. Барние на функцијата издржа само три месеци, а пратениците на Исправена Франција веќе најавија ново изгласување недоверба.
Барние беше сменет откако Национален собир им се придружи на левичарските пратеници во отфрлањето на неговите планови за зголемување на даноците и кастрење на буџетот за 60 милијарди евра. Се обиде да го намали буџетскиот дефицит на Франција кој оваа година треба да достигне 6,1 отсто од БДП.
Во Франција претседател се бира на пет години, по што тој именува премиер чиј кабинет потоа и го потврдува претседателот.