петок, 6 декември 2024

Финансиска полиција влегува во БЈН за набавката на мазут за ЈСП

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје ѝ даде насоки на Управата за финансиска полиција (УФП) да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП), информираше Јавното обвинителство во врска со проблемот со јавниот превоз во Скопје. Ова доаѓа откако Град Скопје преку соопштение ја обвини директорката на Бирото за јавни набавки (БЈН) поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите. Владата за денеска во 14 часот закажа вонредна седница на која ќе се расправа за проблемот со јавниот превоз во Скопје, а Советот на градот итна седница ќе одржи во 18 часот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои најавија дека ќе се приклучат на протестот ако не се реши проблемот со јавниот превоз.

Фото: П.Џ.

Објавено на

часот

Сподели

Од вчера Скопје нема градски превоз поради недостиг на гориво за автобусите.

Од Град Скопје вината за кризата во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) кое остана без нафта, ја префрлаат на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на директорката на Бирото за јавни набавки (БЈН) поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите.

„Кадарот на шефот на ВМРО ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за првпат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио. Во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои скоро воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, денес менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење, а кој ќе им ги верификува кога не возат“, наведуваат од Град Скопје.

Од Бирото за јавни набавки денеска ги отфрлија ставовите во соопштението од Град Скопје како непримерни и непрофесионални.

„Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. Оваа понуда, која била и единствена поднесена понуда во постапката, не исполнува услов кој самиот ЈСП го навел во точка 1.4.8 од тендерската документација. Тоа всушност е наведено и во самиот извештај од спроведена постапка на комисијата за јавна набавка во ЈСП. Управната контрола, имајќи го тоа предвид, дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведена управна контрола. Имено, со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дала инструкции комисијата за јавна набавка да ја стави вон сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката. Таквите инструкции се согласно член 177 став 3 од законот. Напоменуваме дека ЈСП не ја искористил ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање во законот, од едноставна причина што станува збор за правилно утврдена фактичка состојба од страна на Бирото и исход на постапката кој не може да биде поинаков, а да биде согласно со законот“, велат од Бирото за јавни набавки.

Град Скопје преку соопштение ја обвини директорката на Бирото за јавни набавки (БЈН) поради поништената постапка за набавка на гориво за автобусите. Владата за денеска во 14 часот закажа вонредна седница на која ќе се расправа за проблемот со јавниот превоз во Скопје.

Се очекува Владата да одлучи да му позајмува гориво на Градот Скопје сè додека не се надмине проблемот со набавката на нафта за ЈСП.

Итна седница ќе одржи и Советот на град Скопје итна седница ќе одржи во 18 часот.

Од советничката група на СДСМ на прес-конференција излегоа со неколку предлози за надминување на ситуацијата. Предлагаат Владата под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.

Од Либерално демократската партија пак преку соопштение побараа оставка од градоначалничката Арсовска. Колапсот на градскиот превоз изминатите два дена, како што наведуваат, е последното дно кое го допре моменталното градско раководство, „оперирано“ од срам, било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град.

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои најавија дека ќе се приклучат на протестот ако не се реши проблемот со јавниот превоз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ