петок, 13 декември 2024

Фетаи: Се подготвува законот за правична застапеност, Вреди не се откажува од идејата за албанска академија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи откри дека работната група за подготовка на закон за правична застапеност досега одржала три состаноци, а кога ќе биде подготвено новото законско решение ќе биде доставено во собраниска процедура.

Објавено на

часот

Сподели

„ Како што знаете веќе има консултации во рамките на Владата. Иако имаше некои контрадикторни пораки, сепак основана е работна група која што ќе работи на ново законско решение за еднаква и правична застапеност, со цел после 22 години тоа што е постигнато како договор, дефитинивно да се спроведе и да се постигне таа правична застапеност во јавната администрација. Јас како претставник на Вреди ( Влен), веќе учествував на три состаноци во оваа насока, за да се координираме околу новото законско решение кое потоа ќе биде доставено во собраниска процедура. Ке има јавна дебата за тоа, и навистина се надеваме дека ќе се најде најсоодветно решение“, изјави Фетаи кој денеска учествуваше на Регионалната платформа за реформа на јавната администрација Вебер, организирана од Институтот за европски политики – ЕПИ, од Скопје.

Според него, едно е прашањето на балансерот, друго е прашањето на застапеност 20 отсто во Уставот.

„ Во однос на балансерот сакам да потсетам дека и претходната влада во рамките на стратегијата за реформа на јавната администрација веќе имаше донесено одлука за укинување на балансерот, и Уставниот суд ја донесе таа одлука. И во рамките на Владата веќе има договор за носење на нов закон за правична и еднаква застапеност на заедниците. Знаете дека балансерот беше еден механизам за да се постигне таа правична застапеност, меѓутоа тоа беше механизам којшто често пати беше злоупотребуван, како од страна на јавните институции, така и од страна на граѓаните. Имаме случаи на тоа како се злоупотребуваше преку изјавите коишто се даваа за етничка припадност, како од страна на Македонците коишто се претставуваа како Албанци, така и од страна на Албанците коишто се претставуваа како Македонци“, рече Фетаи.

Тој додаде дека 20-те отсто се уставна категорија и таа, според него, се однесува на Албанците затоа што нема друга етничка заедница која што го достигнува тој процент.

„ Барем на централно ниво ако зборуваме, а исто така и на локално ниво, тие 20 отсто треба да останат затоа што се однесуваат, на пример на турската заедница која во одредени општини го постигнува процентот од 20 проценти на застапеност. Ние како Алијанса за Албанците и како Вреди (Влен) неколку пати ја имаме изразено нашата заложба за укинување на 20-те отсто од Уставот. Веруваме дека кога следниот пат ќе се отвори Уставот, во рамките на измените коишто треба да се направат на нашиот пат кон ЕУ, дека и ова прашање ќе биде решено, дека тие 20 отсто ќе бидат точно дефинирани во Уставот, вели вицепремиерот за добро владеење.

На новинарско прашање дали има конкретна бројка колкава е застепноста во јавната администрација на Албанците и другите заедници и дали има некоја институција каде има помала вклученост на заедниците, тој посочи на МАНУ, и укажа дека коалицијата Вреди, која е дел од Владата, останува на идејата за посебна академија.

„ Ваквите податоци може да се најдат во годишните извештаи коишто ги објавува Народниот правобранител. Во тие извештаи произлегува дека застапеноста е негде над 20 отсто, меѓутоа има многу институции каде што оваа бројка е многу под тоа ниво. Една од тие институции е секако МАНУ каде што, според моите информации од 64 вработени, има само еден Албанец. Заради тоа во рамките на Вреди (Влен) имаме покренато инцијатива за основање на албанска академија во земјата“, рече Фетаи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ