вторник, 25 март 2025

ФБИ откри нови тајни документи за атентатот на ЏФК: „Ова е огромна работа“

ФБИ тукушто открило околу 2.400 записи поврзани со атентатот на американскиот претседател Џон Кенеди што никогаш не биле доставени до комисијата одговорна за преглед и објавување на овие документи, ексклузивно дознал Аксиос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сѐ уште тајните записи се состојат од 14.000 страници документи што ФБИ ги открило откако Белата куќа неодамна нареди објавување на сите досиеја поврзани со овој атентат од 1963 година.

Откритието – 61 година откако Кенеди беше убиен во Далас – следува по повеќедецениско колебање на владите да ги објават сите документи поврзани со атентатот, што разгоре многу теории на заговор.

Постоењето на новите документи беше обелоденето во петокот во Белата куќа, кога Канцеларијата на директорот на националното разузнавање го поднел својот план за откривање на записите од атентатот по наредба на Трамп.

Содржината на новопронајдените записи се чува како строга тајна. Трите извори што му јавиле на Аксиос за нив рекле дека не ги виделе документите.

Но откривањето илјадници записи за еден од најпрочуените настани во историјата на САД веројатно ќе покрене прашања за процедурите за проверка и објавување информации низ целата влада.

„Ова е огромна работа. Тоа покажува дека ФБИ го сфаќа ова сериозно“, рекол Џеферсон Морли, експерт за атентатот и потпретседател на непартиската Фондација Мери Ферел, најголемиот американски извор за онлајн-евиденција за убиството на Кенеди. Тој ја тужеше американската влада во потрага по повеќе записи.

„ФБИ конечно вели: ‘Ајде да одговориме на наредбата на претседателот’, наместо да ја продолжува таинственоста“, рече Морли.

Другите записи што треба да се објават – како и новооткриената група од 2.400 извештаи – веројатно нема дефинитивно да докажат дали Ли Харви Освалд бил убиец-самец или бил дел од пошироко сценарио, велат експертите.

Според Законот за записи за ЏФК од 1992 година, записите за атентатот требаше да ѝ бидат предадени на комисијата за преглед на записите за убиството на ЏФК, а потоа и до Националниот архив. Во архивата се чува збирка на документи што требаше да бидат целосно обелоденети во 2017 година.

Претставниците на администрацијата утврдиле дека овие новооткриени записи не биле доставени или проверени од комисијата за ревизија или од Националниот архив.

Кога Трамп беше претседател во 2017 година, го одложи објавувањето на записите што ги најде владата, по совет на ЦИА. Претседателот Бајден потоа нареди ограничено објавување записи, што сè уште не беше целосно во согласност со Законот за записи за ЏФК.

Владините членови што се залагаа за тајност им тврдеа на Трамп и на Бајден дека целосното обелоденување на документите за атентатот може да ги компромитира „изворите и методите“ на собирање разузнавачки информации и неправедно да ги вмеша службениците вклучени во контроверзијата.

Трамп со години се кае што не ги објавил сите записи за ЏФК во својот прв мандат, според луѓе што разговарале за ова прашање со него, вели Аксиос.

За време на кампањата во 2024 година, Трамп им вети на своите поддржувачи и на Роберт Ф. Кенеди Џуниор, внук на убиениот претседател, дека ќе ги објави записите за убиството на Џон Кенеди во 1963, како и оние за убиството на таткото на Кенеди Џуниор, Роберт Ф. Кенеди.

РФК Џуниор, кого Трамп го постави за министер за здравство и човечки услуги, со години повикува на целосно објавување и верува дека и двата атентати биле дел од пошироко сценарио.

Наредбата на Трамп е записите од атентатите на РФК и на Мартин Лутер Кинг Јуниор да се објават до 9 март.

„ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ТРАМП ИМ СТАВА КРАЈ НА БЕСКРАЈНИТЕ ОДЛОЖУВАЊА“, се вели во белешката на Белата куќа објавена на 23 јануари: „Претседателот Трамп за време на својата кампања вети дека ќе ги објави записите за атентатите за да им ја даде на Американците вистината“.

И покрај наредбата на Трамп, велат изворите на Аксиос, разните разузнавачки агенции што имаат записи за атентатот сè уште препорачуваат редактирање.

„Кога ПОТУС ќе слушне за ова, ќе збесне“, рекол претставник на Белата куќа за Аксиос употребувајќи го кодното име за американскиот претседател.

„Ова е тотален ‘Дип стејт булшит’“, рекол друг.

„Немојте да се изненадите ако сите овие записи одеднаш завршат на интернет“, рекол советник на Трамп. „Тој сака да го комплетира ова и да го означи како исполнето ветување.“

Новооткриените досиеја на ФБИ може да се важни за тековната федерална тужба поднесена од Фондацијата Мери Ферел против администрацијата на Бајден во 2022 година. Во тужбата се тврди дека федералните агенции имале повеќе документи поврзани со атентатот што не му ги предале на Националниот архив. Тие содржат снимки на мафијашот Карлос Марчело од затворот, кој тврдеше дека е вмешан во атентатот, и досиејата на ЦИА за Џорџ Јоанидес.

Јоанидес беше шеф за тајни операции во станицата на ЦИА во Мајами и агент за група финансирана од ЦИА со седиште во Њу Орлеанс, која имала серија средби со Освалд пред пукањето. Јоанидес, исто така, беше обвинет дека ја лажел комисијата на Претставничкиот дом што го истражуваше атентатот со тоа што не ги открил своите врски со Освалд. „Досието Јоанидес звучи токму како новооткриените датотеки на ФБИ“, рекол Морли. „Тоа е нешто поврзано со атентатот што никогаш не му беше предадено на Архивот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ