„Киев е најголемиот губитник на договорот за буџетот за 2025, кој ова лето го постигнаа трите партии во нефункционалната коалициска влада по жестоките повеќенеделни преговори. Киев стана жртва на лудачки ригидната уставна кочница која го ограничува државниот дефицит“, продолжува Хол.
Германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг за време на викендот пренесе дека владата на таа земја одлучила да ја намали воената помош за Киев од 7,5 милијарди евра, колку што изнесува оваа година, на четири милијарди за следната, додека до 2027 таа би требало да изнесува „само“ 500 милиони евра годишно.
Шолц кажа дека Германија ќе остане „најголемиот помагач“ на Украина во Европа, како и дека помошта ќе се испраќа преку позајмица од 50 милијарди евра, која е договорена во рамки на Г7 и која ќе биде гарантирана од профитите од замрзнатиот руски имот.
Аргументот на германскиот канцелар, меѓутоа, е само одвлекување на вниманието, смета Хол, додавајќи дека таа „позајмица“ се покажала како тешка за имплементација и подложна на блокади од „проруските влади, како таа во Будимпешта“.
Тие 50 милијарди се само дел од околу 300 милијарди евра кои САД и ЕУ ги одвоија за помош на Киев во последните две и пол години. Американскиот пакет помош во вредност од 61 милијарда долари, усвоен претходно оваа година, би можел да биде последниот од тој вид.
Колумнистот на ФТ го критикува германскиот канцелар и поради неговите „напори да ја саботира подлабоката интеграција“ на европската воена индустрија.
„Канцеларот се противел на каква било дискусија за одбранбените проекти кога лидерите на ЕУ се сретнаа во јуни за да ја разгледаат стратегиската агенда на блокот. Амбициите на Европската комисија да формира фонд од 100 милијарди евра за одбранбената индустрија преку заедничко здружување наишле на силен германски отпор“, истакнува Бен Хол за Фајненшал тајмс.