„По сериозните обвинувања дека странски актери интервенирале во романските претседателски избори користејќи го Тикток, сега детално истражуваме дали Тикток го прекршил законот за дигитални услуги поради неспособноста да ги отстрани ризиците“, изјави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лаен, а пренесува Политико.
Романските власти, кои губеа на претседателските избори, во последните две недели го обвинуваат Тикток за неправилности по победата на десничарскиот независен кандидат Калин Ѓоргеску во првиот круг на претседателските избори на крајот на ноември. Врховниот суд на Романија накнадно ги поништи изборите.
Во позадината на обвинувањата се истражувања и извештаи со кои се тврди дека Ѓоргеску остварил значителна предност благодарение на мрежа платени инфлуенсери и ботови. Романските власти како последен чекор декласифицираа документи кои треба да покажат сличности меѓу оваа кампања и наводните руски операции во Украина и Молдавија.
Европската комисија најави истрага на алгоритамските препораки на Тикток, со посебен акцент на координирана неавтентична манипулација. Ќе се истражат и политиките на платформата поврзани со политичкото огласување и платените политички содржини.
Истрагата дополнително ги засили тензиите меѓу европските политички групи. Пратениците во Европскиот парламент изнесоа поделени мислења за наводното странско влијание и слободата на говорот.
„Не гледам никакви докази за странско мешање, но гледам дека вие преферирате цензура“, порача Партик Јаки, полски пратеник од десничарската група Европски конзервативци и реформисти. Кетрин Гризе, членка на француската крајно десничарска група Патриоти за Европа, ја обвини ЕУ дека со наводната борба против дезинформации се однесува како тоталитарен режим.
Случајот во Романија се покажува како клучен за Европската Унија во обидите да го контролира влијанието на социјалните мрежи на изборните процеси, особено пред изборите во Германија.