среда, 6 ноември 2024
Интервју со Веивеи Џанг, професор по меѓународни односи на универзитетот Фудан, Кина

Европа треба да ги отвори очите за мирот и просперитетот што ги нуди мултиполарноста

Професорот по меѓународни односи на универзитетот Фудан во Кина,  Веивеи Џанг и директор на неговиот Кинески институт, поради неговиот научен пристап и начинот на кои ги презентира своите политички идеи, го нарекуваат кинескиот Фукујама. Професорот Џанг беше еден од главните говорници на меѓународната научна конференција „Кооперативен мултиполарен систем: Во потрага по нов светски поредок“, што се одржа во Скопје на 3 и 4 октомври, во организација на Центарот за глобални промени, истражувачка единица на Филозофскиот факултет при УКИМ. Пристапот во презентацијата и достапноста во комуникацијата на професорот Веивеи во Скопје, само ги потврдија карктеристиките што му ги припишува Википедија, дека тој е исто така славна личност на интернет, кој ги претставува своите политички идеи преку онлајн видеоплатформи како што се: Џигуа видео, Билибили, Тикток и Јутјуб.

 

Објавено на

часот

Сподели

Генералната позицијата на професорот Џанг во неговата научна доктрина е поставена на тоа што го опишува западниот систем како концепт што има свои заслуги и недостатоци, „но неговите системски дефекти сега почнуваат да му ги јадат силните страни“.  Џанг ја критикува западната либерална демократија и ја промовира идејата за кинеска социјалистичка демократија, која тој ја опишува како комбинација на „селективна демократија“ и изборна демократија. Ставот на Џанг е дека кинеската социјалистичка демократија ја надминува „западната процедурална демократија“ бидејќи западниот пристап е недоволен за избор на доверливи лидери, додека, според него – кинескиот пристап е померитократски. Џанг, исто така, укажува на долгорочната стабилност и економскиот раст на Кина како дополнителен доказ за она што тој верува дека е супериорност на нејзиниот систем.

На научната конференција во Скопје, имавме можност за интервју со професорот Веивеи Џанг, кој низ една поразлична перспектива ги согледува актуелните глобални предизвици, но и предизвиците со кои се соочува Македонија.

Професоре Џанг, какви се според Вас шансите за кооперативен мултиполарен систем и нов (поправеден) светски поредок, во услови кога се разгоруваат и прошируваат судирите на Блискиот Исток, а не се гледа ни разрешница за воениот судир во Украина со Русија?

– Уште на почеток да ни биде јасно – мултиполарниот свет веќе постои. Тоа може да се види по тоа што Соединетите Американски Држави  веќе не можат да диктираат секаде. Бидејќи, Кина, Русија, Иран и други земји од Блискиот Исток не ги слушаат беспоговорно САД, туку си имаат и си ги следат своите интереси. Тоа само докажува дека мултиполарноста е веќе тука. Но, што недостасува за мултиполарноста целосно да профункционира како прифатлива опција за светски поредок? Тоа е начинот на кој треба да се воспостави. Во овој миг постојат неколку адреси во светот на кои би требало да им се „отворат очите“. Една од тие адреси е Европа. Ако ја погледнете сега Европа, која ја следи на униполарноста на САД, таа на крајот ќе се најде во тешка ситуација. Таа веќе го губи мирот, го  губи развојот и запаѓа во голема неволја. Треба да се знае дека на Минхенската безбедносна конференција, што се одржа пред некој месец годинава, беа забележани тие загуби на Европа – изгубениот мир и развој. Од друга страна, Азија, Кина и земјите на АСЕАН чекорат кон една вин-вин, победничка опција. Тие веќе ја практикуваат мултиполарноста во својот регион и веќе се покажуваат резултатите од таквата соработка, заснована на принципите на неутралност и независност. Кина го поддржува тоа и ги почитува принципите на АСЕАН, назависноста во носењето одлуки. Се фокусираме на тоа да си помагаме меѓусебно во економскиот развој. Како резултат на изборот на унилатералноста, Европа чекори кон луз-луз  (губитничка) позиција, додека Кина и АСЕАН, со популација од 2 милијарди жители (три пати повеќе од европската популација) постигнуваат мир, развој и просперитет. Со други зборови, мултиполарниот свет, мултиполарниот поредок може успешно да се достигне. Азија е добар пример за тоа.

Дали само Блискиот Исток и судирот Русија-Украина се најкритичните „воени точки“ во светот, или постојат други глобални тенденции за одржување на униполарниот или  биполарниот свет?

– Перцепцијата во светот на тој конфликт меѓу Русија и Украина е многу контроверзна.  Со други зборови луѓето во различни делови од светот имааат различни опсервации и коментари за таа конкретна ситуација. Но интересно е што надвор од перцепцијата на Западот, постои општ консензус за едно поразлично видување на целата ситуација. Дали војната е контроверзна? Да, навистина е контроверзна. Но надвор од западната перспектива, се согледува и еден друг момент – руската одлучност да ја промени таа униполарност, тој униполарен светски поредок. И тоа наидува на разбирање. Како резултат на тоа согледување повеќе земји од „остатокот на светот“ не се радуваат многу на санкциите на Западот спрема Русија. Некои и ја продолжуваат соработката и трговијата со Русија. Во тој избор на гледање на нештата постојат две нивоа на контроверзност – едно ниво со повеќе контроверзност, и друго ниво со многу помалку контроверзност. Но на глобално ниво постои консензус дека треба да се промени таквиот поредок. Тие разлики во мислењата на глобалниот Југ и на глобалниот Исток, со оние на Западот, водат кон консензусот дека мораме да направиме нов светски поредок.

Кина е секако светска сила која се прашува, односно држава со геополитичка моќ да влијае на геополитичките текови и да има важна улога во решенијата за светските кризи. Каква е според Вас, визијата на Кина за „новиот светски поредок”?

– Според моето мислење, визијата на Кина за светскиот поредок не се разликува од онаа на другите земји што се почитуваат себеси. Ние се залагаме за мир и за просперитет. Во западната визија доминира онаа максима „подели, па владеј“. Додека кинеската визија е обединетост и просперитет. Во контекстот на кинеската визија на светот, не е невозможно Блискиот Исток  да биде обединет, Евроазија треба да биде обединета, а и земјите од поранешна Југославија би требало да сакаат да се обединат… Сите треба да се стремат кон заеднички просперитет. Тоа е она што го правиме во Азија, во Југоисточна Азија – обединетост и просперитет. Југоисточна Азија повеќе децении беше нарекувана „Балканот на Азија“, поради диверзитетот на етничката композиција, религиската различност, различноста на политичките системи на државите во регионот. Но денес, на пример Виетнам, држава која припаѓа на Југоисточна Азија е епицентар на развојот во овој регион, епицентар на безбедноста. Виетнам е чудото на АСЕАН. И Кина ги поддржува таквите  процеси на развој и просперитет во нејзиното соседство.

Наспроти Кина, Македонија е мала држава, која се соочува со предизвикот да ѝ бидат ускратени приниципите на меѓународното право за национално самоопределување и самоименување, со што на своевиден начин ѝ е загрозен и суверенитетот. Наспроти волјата на мнозинството македонски граѓани беше сменето името на државата, без поголем ефект за нејзино позиционирање во меѓународната заедница… Дали малите и големите народи и држави денес во светот можат да бидат рамноправни според принципите на меѓународното право?

– Да бидеме искрени, ако ја погледнеме Повелбата на Обединетите нации или петте принципи на Кина за коегзистенција, секогаш станува збор за еднаквост меѓу малите и големите, послабите и силните. Но тоа е идеја! Се согласувам дека во реалноста е многу потешко. Пред неколку години се запознав со еден професор од Србија, со кој разговаравме за тешкотиите на малите земји со големите притисоци од западната политика. Но мислам дека малите земји треба да го искористат времето на промените што се случуваат во светот. Можеби малите земји ја имаат предноста полесно да се адаптираат во процесите. Повторно ќе го земам примерот на АСЕАН, групација на десетина помали земји во Југоисточна Азија, кои постојано работат на тоа да бидат пријатели меѓу себе и да одржуваат пријателски односи со Кина, но и со САД. За Кина не е проблем што тие земји соработуваат и имаат пријателски односи со САД. Но, неизбежно е да се согледа економската компетититивност, па и ривалитет меѓу Кина и САД. Што можат САД да му понудат на светот денес? Не можат да понудат многу. Дури автомобилската индустрија во САД е во опаѓање. Од друга  страна Кина нуди инфраструктура, технологија, инженерски проекти… Дали е „забавно“ луѓето да учат од горките лекции? Преголемото богатство и преголемата моќ сконцентирани на едно место секогаш се главниот проблем за малите и големите народи и држави во светот да можат да бидат рамноправни и придонесуваат да колабираат принципите на меѓународното право.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ