Топлото време предизвикано од загадувањето со јаглерод уби речиси 50.000 луѓе во Европа минатата година, а континентот се загреа многу побрзо од другите делови на светот, покажа ново истражување.
Овие наоди се објавуваат додека шумите околу Атина ги зафатија пожари, додека Франција издаде предупредување за горештини во големи делови од земјата, пишува Гардијан.
Лекарите ја нарекуваат топлината „тивок убиец“ затоа што одзема многу повеќе животи отколку што мислат повеќето луѓе. Разорната стапка на смртност во 2023 година ќе беше за 80 отсто поголема доколку луѓето не се приспособеа на зголемените температури во последните две децении, според студијата објавена во Нејчр медисин.
„Но бројот на смртните случаи поврзани со топлината сè уште е превисок. Европа се загрева двојно побрзо од глобалниот просек – не смееме да се опуштаме“, изјави за Гардијан Елиса Гало, една од авторите на студијата, додавајќи дека напорите општествата да се приспособат на топлинските бранови биле ефективни.
Топлинските бранови станаа пожешки, подолги и почести бидејќи луѓето согоруваа фосилни горива и ја уништуваа природата, зачепувајќи ја атмосферата со гасови што дејствуваат како стаклена градина и ја загреваат планетата. На глобално ниво, 2023 година беше најтоплата година досега, а научниците очекуваат 2024 година наскоро да го заземе првото место.
Истражувачите открија дека постудените земји во Европа, како што се Велика Британија, Норвешка и Швајцарија, ќе се соочат со најголем пораст на бројот на непријатно топли денови. Но апсолутниот број на смртни случаи сепак ќе биде најголем во јужна Европа, која е подобро приспособена на топлото време, но е поизложена на високите температури.
Научниците открија дека смртните случаи поврзани со топлина во 2023 година биле највисоки во Грција, со 393 смртни случаи на милион луѓе, потоа во Италија со 209 смртни случаи на милион и Шпанија со 175 смртни случаи на милион луѓе.
Топлинскиот бран од 2003 година уби 70.000 луѓе низ континентот и ги натера службениците да се обидат да спасат животи со воспоставување системи за рано предупредување и планови за превенција. Но, речиси две децении подоцна, бројот на починатите од рекордната топлина во 2022 година, која однесе повеќе од 60.000 животи, ги натера истражувачите да се запрашаат колку биле ефективни мерките.
Научниците велат дека владите можат да ги заштитат луѓето од топлинските бранови со дизајнирање студени градови со повеќе паркови и помалку бетон, поставување системи за рано предупредување за да ги предупредат луѓето за непосредна опасност и зајакнување на здравствените системи за лекарите и медицинските сестри да не се исцрпуваат кога се зголемуваат температурите.
Но индивидуалните активности како што се останувањето во затворен простор и пиењето вода, исто така, имаат моќни ефекти врз бројот на смртните случаи. Проверувањето на постарите соседи и роднини што живеат сами може да значи разлика помеѓу живот и смрт.
Д-р Санти ди Пјетро, доцент по итна медицина на Универзитетот во Павија, вели дека неговите колеги сега лекуваат повеќе пациенти дневно отколку во почетокот на јануари за време на сезоната на грип.
„Топлинските бранови мора да се решат на сите нивоа, но луѓето би можеле да преземат ‘едноставни мерки’ за да се заштитат себеси и своите најблиски. Ова вклучува избегнување на сонцето во најжешките часови од денот, барање сенка надвор и заменување на алкохолот со вода“, рече тој.