среда, 11 декември 2024

Евробарометар: Мнозинството македонски граѓани имаат доверба во ЕУ, но сепак помалку од другите земји-кандидати

Мнозинството граѓани на Македонија или 56 отсто имаат доверба во Европската Унија, покажуваат резултатите од есенското истражување на Евробарометар за 2024 година. 

Објавено на

часот

Сподели

Исто ниво на доверба кон ЕУ како македонските државјани, изразуваат и граѓаните на Босна и Херцеговина. Меѓу останатите земји кандидати за членство, довербата кон ЕУ е најголема во Албанија со 81 отсто, пред Црна Гора со 75, Косово со 70 и Грузија со 58 проценти. Пониска доверба кон ЕУ од македонските државјани изразуваат Молдавците и тоа од 52 отсто, што сепак укажува дека мнозинството граѓани на Молдавија, како и на останатите споменати земји кандидати веруваат во Унијата.

Пониска доверба кон ЕУ од 50 отсто имаат државјаните на Турција и тоа од 42 проценти и граѓаните на Србија од 38 отсто. Сепак, и овие податоци претставуваат пораст на довербата во ЕУ за четири проценти во Турција и за два отсто во Србија споредено со овогодишното пролетно истражување.

Доверба кон ЕУ од 38 проценти изразуваат и жителите на Велика Британија, што претставува пораст за шест отсто.

Кога станува збор, пак, за граѓаните на ЕУ, мнозинството од нив или 51 отсто веруваат во Унијата, што претставува највисоко измерено ниво на доверба на Европејците кон блокот во последните 17 години.

Кога станува збор за специфични области за дејствување на ЕУ во областа на заштитата на животната средина, 38 отсто од Европејците веруваат дека приоритет треба да се даде на користењето на енергија од обновливите извори, 31 проценти на инвестициите во одржливо земјоделство, а по 28 отсто во изградба на енергетска инфраструктура и инвестирање во чиста технологија.

Истражувањето регистрира и досега најголемата поддршка за заедничката европска валута, која на ниво на цела ЕУ изнесува 74 отсто и само во еврозоната – 81 процент. Кога станува збор за перцепцијата за состојбата на европската економија, 48 отсто од Европејците сметаат дека таа е добра, додека 43 проценти оценуваат дека е лоша.

Дури 76 отсто од европските испитаници сметаат дека руската инвазија врз Украина претставува закана за безбедноста на ЕУ.

Од таму, 87 проценти од анкетираните се согласуваат со обезбедување хуманитарна поддршка на луѓето погодени од војната во Украина, 71 отсто ги поддржуваат економски санкции кон руската влада, компании и поединци, а 68 проценти се согласуваат со обезбедување финансиска поддршка за Киев. Околу 60 отсто од Европејците одобруваат ЕУ да и додели кандидатски статус на Украина, а 58 проценти се согласуваат Унијата да го финансира купувањето и снабдувањето со воена опрема за земјата.

Ова есенско истражување на Евробарометар е спроведено помеѓу 10 октомври и 5 ноември во 27-те земји членки на ЕУ, во девет од земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата (сите освен Украина), како и во Велика Британија. Само во ЕУ со анкетата биле опфатени 26.525 граѓани.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ