петок, 24 јануари 2025

ЕУ ѝ се закани на Грузија

Европската унија би можела да воведе санкции поради последните настани во Грузија, изјави новата висока претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас. „Јасно е дека употребата на насилство врз мирните демонстранти не е прифатлива и грузиската влада треба да ја почитува волјата на грузискиот народ, но и грузискиот устав“, рече Калас за време на посетата на Киев. „Кога станува збор за Европската унија, тоа очигледно има последици за нашиот однос со Грузија“, изјави таа.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Калас, поранешната естонска премиерка, денеска ја презеде функцијата прв дипломат на ЕУ. Калас ги спомна санкциите и визните ограничувања како можни чекори, но рече дека за какви било последици ќе се разговара и договора заедно со земјите-членки на ЕУ.

Грузија веќе три ноќи по ред е потресена од масовни протести и насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата, откако премиерот Иракли Кобахиџе најави дека ќе ги прекине преговорите за членство во ЕУ. „Јасно е дека грузиската влада не ја почитува волјата на грузискиот народ кога е во прашање иднината на Европа“, рече Калас, „и мислам дека не треба да дозволиме да се извлечат со тоа“.

Санкции на ЕУ може да се воведат само ако се согласат сите земји од ЕУ. Ова во моментов е сомнително, не само затоа што унгарскиот премиер Виктор Орбан неодамна му изрази поддршка на Кобахиџе. Жестоки судири меѓу полицијата и антивладините демонстранти избија вчера вечер во Грузија трета ноќ по ред по одлуката на владата да ги прекине преговорите за влез во Европската унија.

Според грузиските медиуми, полицијата употребила водени топови и солзавец против толпата, дел од демонстрантите фрлале и запаливи средства кон полицијата. Дури во неделата наутро униформирани полицајци успеаја да ги растераат демонстрантите собрани пред грузискиот парламент.

Демонстрантите сега поставија блокади во близина на државниот универзитет во главниот град. Судирите – и продлабочената политичка криза меѓу националистичката конзервативна влада и проевропската опозиција – се закануваат да ја поделат земјата.

Официјални податоци за бројот на повредени и уапсени во текот на ноќта не беа достапни во неделата наутро. Во саботата вечерта, полицијата наводно уапсила 107 лица за вандализам само во главниот град Тбилиси. Протести се одржуваат и во други градови низ Грузија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ