Фиала неодамна не се согласи со одлуката на словачкото Министерство за внатрешни работи да го ослободи Андреј Бабиш, поранешниот чешки премиер и сега се попопуларен опозициски лидер, од обвиненијата дека свесно соработувал со чехословачката тајна полиција од комунистичката ера.
Фицо одговори дека се надева дека неодамнешната изјава на Фиала „со која се доведува во прашање кредибилитетот на суверените словачки институции“ во врска со одлуката на Бабиш е „само исклучителен ексцес, а не воспоставување традиција на неоправдано мешање во словачките суверени работи“.
Овој спор претставува дополнително заладување на дипломатските односи меѓу Чешка и Словачка. Односите веќе беа нарушени со враќањето на Фицо на власт минатата година, а кулминацијата следеше по одлуката за прекин на меѓувладините состаноци, која беше усвоена во март, пишува Политико.
Минатонеделната правна спогодба во која Бабиш беше ослободен од обвиненијата предизвика остри реакции и кај чешката влада и кај словачката опозиција. Фиала ја осуди спогодбата, нарекувајќи го „неверојатен политички договор“ меѓу поранешниот чешки лидер и „пријателските“ политичари во Словачка.
Словачкото Министерство за внатрешни работи ги отфрли тврдењата, посочувајќи дека спогодбата ја направила „за да избегне економски загуби“, бидејќи шансите за победа на суд не биле преголеми.
Бабиш долго ги отфрла тврдењата на различни политичари и историчари врз основа на документи во архивата на Институтот за сеќавањa на нацијата, од кои се чини дека соработувал со тајната полиција. Со години тој беше вовлечен во правни битки со словачките судови за ова прашање.
Институтот, кој чува историски записи од тоталитарната ера, истакнува дека тврдењето дека Бабиш соработувал со тајната полиција е поткрепено со документи. „Одлуката на министерството да се договори со Бабиш не го менува тој факт“, соопштуваат од институтот.
Спогодбата ги зајакнува веќе силните изгледи на Бабиш на чешките парламентарни избори следната година, легитимизирајќи го како избор за луѓето кои се двоумеле да гласаат за него поради неговото комунистичко минато.