Тој истакна дека НАТО треба внимателно да ја разгледа одлуката на Русија дека го задржува правото на употреба на нуклеарно оружје во случај на агресија против неа со користење конвенционално оружје.
Ердоган на конференција за новинарите во Бразил по самитот Г20 кажа дека Турција мора да одржува добри односи и со Русија и со Украина, како и дека ќе продолжи да повикува на мир, и покрај украинскиот напад на Русија со американски ракети со долг дострел АТАКМС, пренесува Ројтерс.
Турскиот претседател оцени дека тој напад ја влошил ситуацијата.
Рускиот претседател Владимир Путин донесе денес ажуриран указ за нуклеарната доктрина според кој Русија го задржува правото на употреба на нуклеарно оружје во случај на агресија против неа со конвенционално оружје.
„Причина за ажурирање на руската нуклеарна доктрина беше потребата документот да се усогласи со актуелната политичка ситуација“, истакна портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
Тој истакна и дека основниот принцип на доктрината не е сменет и дека Русија употребата на нуклеарното оружје ја смета „исклучиво за крајно средство“.
Путин уште во септември годинава ги најави измените на документот, кога Западот за првпат почна да ја разгледува можноста за напади со ракети со долг дострел длабоко во руска територија.