среда, 16 октомври 2024

Ердоган повтори дека Турција не ја признава анексијата на Крим

Објавено на

часот

Сподели

„Ние се залагаме за став во корист на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, рече Ердоган во видео пораката по повод Третиот самит на лидерите на Кримската платформа.

На почетокот на своето обраќање, Ердоган ги поздрави претседателот на Украина Володимир Зеленски, другите шефови на државите и владите, националниот лидер на кримските Татари Мустафа Киримоглу и останатите учесници на самитот. Турскиот претседател го честиташе Денот на знамето и Денот на независноста на Украина, пренесе Анадолија.

„Турција, која не ја признава анексијата на Крим, од првиот ден решително се залагаше за ставот дека таквата акција е незаконска. На секоја платформа, особено во Обединетите нации, нагласуваме дека Крим е дел од Украина. Обезбедувањето безбедност и благосостојба на кримските Татари, еден од домородните народи на Крим, е еден од нашите приоритети“, рече Ердоган.

Тој додаде дека нема победници во војна и нема губитници во мир и повика на крај на војната во Украина со „праведен и траен мир“.

„Во овој процес правиме големи напори да ги одржиме отворени каналите за комуникација, за да престане крвопролевањето и страните барем да се подготват за преговарачката маса“, рече Ердоган.

Тој, исто така, истакна дека продолжуваат со напорите за заживување на црноморската иницијатива, додавајќи дека во овој процес треба да се избегне секој чекор што ќе ги зголеми тензиите и ќе му наштети на мирот во Црното Море.

Киев, главниот град на Украина, денеска е домаќин на Третиот самит на Кримската платформа, кој се одржува во хибриден формат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ