„Еквадор нема да испрати никаков воен материјал во земја вклучена во меѓународен вооружен конфликт“, соопштија доцна синоќа локалните власти.
Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа во јануари изјави дека се договорил со Вашингтон да ја замени старата руска воена опрема со ново оружје од американско производство за борба против бандите кои шверцуваат дрога.
Американските власти тогаш изјавија дека оружјето што го разменува Еквадор „потоа ќе биде испратено во Украина за да ѝ помогне на бојното поле против Русија“.
Тој договор предизвика незадоволство во Москва. Русија, еден од главните купувачи на банани од Еквадор, веднаш објави забрана за увоз на банани од пет еквадорски компании, под изговор за присуство на инсекти штетници.
Слична мерка беше воведена и за еквадорското цвеќе што се извезува во Русија.
Москва подоцна ја смени мерката.
Русија е втора дестинација за еквадорските банани, со 21 отсто од вкупниот извоз, веднаш зад Европската унија (28 отсто), објави претходно Здружението на извозници на банани на Еквадор.