Експлозиите доаѓаат во момент на засилено насилство меѓу Израел и Хезболах, кои се во прекугранична војна откако минатиот октомври Израел ја почна војната против Хамас во Газа. Израелската војска не одговорила на прашањата на Ројтерс за коментар.
Репортер на британската новинска агенција видел возила на брза помош во јужните предградија на Бејрут каде владеел општ хаос и имало десетици ранети мажи. Според болнички извори станува збор за повреди на лица, очи и екстремитети. Жители на Бејрут кажале дека експлозиите се ределе и 30 минути по првите детонации.
Безбедносни извори кажале дека уредите експлодирале и на југот на Либан. Бранот експлозии траел околу еден час по првите детонации. Не е јасно како уредите експлодирале.
Либанскиот центар за кризни операции, со кој управува министерството за здравство, ги повика сите здравствени работници да се упатат во болниците за да помогнат во згрижувањето на големиот број ранети пренесени во итните служби. На здравствените работници им е препорачано да не користат пејџери. Иранската новинска агенција Мехр јави дека иранскиот амбасадор во Либан Мојтаба Амани бил повреден во една од експлозиите.