Тоа е генералната оцена на Европската комисија (ЕК) во најновиот извшетај за напредокот на земјава. ЕК забележува дека изготвувањето на новиот закон за земјоделство и рурален развој е одложено и препорачува земјава да ја усогласи својата политика за поддршка во земјоделството со законодавството на ЕУ.
Како што се наведува во извештајот, нема напредок во однос на интероперабилноста со системите за идентификација и регистрација на животни за обезбедување поквалитетни податоци.
„ Сите елементи на Интегрираниот систем за администрација и контрола-ИАЦС (IACS) се воспоставени согласно законодавството на ЕУ. Трансферите на податоци и интероперабилноста треба да се обезбедат заедно со верификацијата на точноста на податоците. Напредок се забележува во орто-фото снимањето за да се олесни ажурирањето на Системот за идентификација на земјишни парцели -ЛПИ (LPI). Регистарот на земјоделци и ЛПИ допрва треба да се трансферираат во Платежната агенција“, се наведува во извештајот.
Потребни се дополнителни ресурси за проширување на Мрежата за сметководствени податоци од фарма – ФАДН (FADN), но и вклучување податоци за животната средина и социјалната одржливост согласно новата ЕУ-мрежа за податоци за одржливост на фармата-ФСДН (FSDN).
„ Усвоен е новиот Закон за советодавни услуги, но останува да се донесе законодавство за заедничката организација на пазарот и да се дефинираат институционалните мандати“, забележува Комисијата.
Во однос на руралниот развој се акцентира дека започна ИПАРД 3-програмата, а напредува и финализацијата на ИПРАД 2. Сепак, Комисијата препорачува да се обрне внимание на институционалниот капацитет на Платежната агенција и посебно на намалувањето на бројот на задоцнетите исплати на апликантите.
Од аспект на политиката на квалитет, ЕК го поздравува донесувањето на Законот за вино, додека во врска со органското земјоделство укажува дека останува да се донесе нов закон.
„Треба да се подобрат активностите за подобрување на следењето и контролата на сертификацијата и следливоста на органските производи. Треба да се направат и напори за натамошно развивање на секторот, со што дополнително се користи поддршката достапна во рамките на ИПАРД 3“, наведува ЕК во извештајот.