четврток, 10 октомври 2024
Панел дискусија

„Еднаква, своја, успешна“, говореа сопругата на претседателот и министерките за одбрана и труд

Објавено на

часот

Сподели

Кога гледаме успешни личности мислиме дека успехот доаѓа сам и преку ноќ, дека се она што го направиле во животот им е подарено, но слушајќи ги нивните животни приказни гледаме дека ниту еден успех не доаѓа преку ноќ, за секој успех треба многу да се вложуваме и да се откажуваме од многу работи.Тоа го истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во обраќањето пред охриѓани на настанот одржан вечерва како дел од Караванот „Остави трага“, што има за цел да поттикне младинска активација, но и да пренесе пораки на еднаквост и толеранција низ целата земја.

Тренчевска во својство на домаќин на панел дискусијата пред присутните направи паралела на реалниот свет со протагонистката од блокбастерот „Барби“, посочувајќи го оној момент кога Барби излегува од кутијата и дотогашниот совршен живот во реалниот свет каде и не е се розево, каде за успехот е потребен напор.

Тренчевска забележа дека филмот ги урива стереотипите за феминизмот и мотивира многу девојки и жени да бидат успешни, силни и да истрајат борејќи се со своите секојдневни животни предизвици. Таа ја посочи и книгата „Папата Јована“, за која истакна дека и по две децении поттикнува многу мажи и жени да се залагаат и борат за феминизмот и родовата еднаквост.

За својот животен пат и нејзината професионална реализација зборуваше и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која истакна дека секој човек како индивидуа треба да се стреми кон својот личен успех, а на секој неуспех во животот да се гледа како на отскочна штица за напредок.

„Секој неуспех треба да го гледаме како скала поблиску до успехот што сакаме да го постигнеме…Свој успех сметам дека е личната среќа. Тоа не е позицијата, тоа не е богатството во материјална смисла, среќа се луѓето што ги среќавам, оние кои во многу значајни моменти во животот биле до мене, па и ќе бидат до мене и кога се ќе заврши…Оттаму стремежот мој не е да бидам повисоко во хиерархијата, туку да бидам повеќе среќна“, рече меѓу другото Петровска.

Таа порача дека секој што низ животот имал падови, изборот е дали ќе се стане, да се истресат колениците и повторно да се тргне напред.

„Ниту еден успех не е лесен, секој што ќе ви понуди брз пат до успехот избегнете го. Тој ќе биде кус. Успехот за кој сте се избориле сами, вооружени со трпение, е нешто што вреди“, рече министерката Петровска.

Свое обраќање на панел-дискусијата имаше и Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски, која испрати порака за младите, да се фокусираат и заложат за она што им значи, да не потклекнуваат пред предизвиците.

„Разговарајте за секој проблем, тоа не е знак на слабост. Обратете се кон родителите, блиските, затоа што заслужувате подобро. Посветете се на образованието, учете, истражувајте…Не дозволувајте некој да ве обесхрабри, да ве направи да се чувствуате дека сте помалку вредни. Затоа што младоста асоцира на храброст, енергија, визија, елан…Создавајте пријателства, бидете амбициозни и придонесете за подобра иднина, за вас и за оние што доаѓаат после вас. Само на таков начин ќе оставите трага“, рече Ѓоргиевска.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ