Во својот прв голем политички говор откако ја презеде функцијата потпретседател во јануари, Венс рече дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ќе се погрижи „системите за вештачка интелигенција развиени во Америка да бидат ослободени од идеолошка пристрасност“ и дека САД „никогаш нема да го ограничат правото на своите граѓани на слободен говор“.
Тој, исто така, рече дека администрацијата на Трамп е загрижена што некои странски влади размислуваат за „заострување на регулативите“ за американските технолошки компании што работат на меѓународно ниво.
„Во моментов се соочуваме со извонредна перспектива за нова индустриска револуција на исто ниво со откритието на парната локомотива. Но тоа никогаш нема да се случи ако прекумерната регулатива ги одврати иноваторите од преземање на ризиците неопходни за да продолжат напред“, предупреди Венс во говорот на Самитот за вештачка интелигенција во Париз.
Тој предупреди за регулаторниот пристап на Европа кон вештачката интелигенција и таргетирањето на содржината на големите технолошки платформи, укажувајќи на разликата меѓу САД и нивните сојузници околу управувањето со вештачката интелигенција.
Со оглед на тоа што глобалната јавност е возбудена и загрижена поради моќта на вештачката интелигенција, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен истакна дека на вештачката интелигенција ѝ треба довербата на луѓето и дека мора да биде безбедна.
Таа ги спомена насоките на ЕУ наменети за стандардизирање на тоа како се применува Законот на ЕУ за вештачка интелигенција во сите 27 земји-членки, но додаде дека знае дека тие истовремено мора да го олеснат тоа и да ја намалат прекумерната регулатива, нагласувајќи дека тоа и ќе го сторат.
Таа објави дека таканаречената иницијатива ИнвестАИ собрала вкупно 200 милијарди евра инвестиции во Европа, вклучително и нов фонд од 20 милијарди евра за гигафабрики за вештачка интелигенција.
На Самитот учествуваат шефови на држави и влади, лидери на меѓународни организации и компании, научници, уметници и претставници на граѓанското општество, кои треба да го разгледаат влијанието на вештачката интелигенција врз безбедноста, економијата и управувањето. Разликите беа отворено прикажани на самитот – Европа се обидува да регулира и да инвестира, Кина го проширува пристапот преку технолошките гиганти поддржани од државата, а САД, под претседателот Доналд Трамп, се залагаат за отворен пристап – да се пушти слободно да се развива.
Меѓу високите функционери што присуствуваа на конференцијата е кинескиот вицепремиер Џанг Гуочинг, специјален пратеник на Си Џинпинг, кој укажа на интересот на Пекинг да ги обликува глобалните стандарди околу вештачката интелигенција.
Потпретседателот Ванс беше отворен критичар на европските политики за контрола на содржината на интернет. Тој претходно предложи САД да ги преиспитаат своите обврски кон НАТО доколку европските влади ѝ воведат ограничувања на платформата Икс на Илон Маск.
За време на неговата посета во Париз, се очекува тој да разговара за Украина, за улогата на вештачката интелигенција во поместувањата на глобалната моќ и за тензиите САД и Кина.