Ова е филм кој носи многу тежина, многу сурова реалност видена низ детските очи. Како влеговте во приказната за создавањето на филмот?
-Тамара Котевска, како режисер на филмот ме воведе во целиот процес уште во почетната фаза. Ме запозна со продуцентите Хари и Орландо на видео конференција на која веднаш се почувствува убава енергија и брзо ги договоривме условите. Бидејќи филмот сѐ уште беше во процес на снимање, паралелно почнавме да работиме на музиката, а со секоја нова промена ја прилагодувавме за да добие заедно со приказната и сликата смисла на целина, да бидат едно.
Како течеше креативниот процес?
-Беше вистинско уживање да се работи со таков креативно експлозивен тим како Тамара Котевска и Мартин Иванов, едиторот на филмот, со кои неуморно и полни со возбуда работевме низ целиот процес на пост-продукција скоро две години. Беше голем предизвик и многу работа од 200 часа снимен материјал да се селектира час и половина, бидејќи документарната форма на филм, посебно со уникатниот пристап на работа на Тамара, бара и уникатен пристап со музиката за да се долови нејзината визија и емоција која го носи филмот.
Посебна приказна е сцената на плажата. Тоа беше идеја на Тамара, да напишам оперско парче музика кое ќе ја носи сцената, а текстот кој куклите го зборуваат да се пренесе низ тоа пеење. На прва си помислив дека е луда идеја, звучеше толку екстремно, но да, со задоволство ја прифатив. Во истиот ден ја напишав музиката, во недостаток на оперски пејач го снимив мојот глас, а најдов сопран. Веќе утредента им ја испратив како демо идеја, која беше прифатена со воодушевување и излезе како една од најсилните сцени, крешендото на филмот.
Македонската премиера на филмот ја заокружи Вашиот концерт со уникатен концепт што беше овозможен од УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, која работи за заштита на бегалците насекаде во светот. Како го доживеавте концертот?
-Концертот ми беше такво уживање, што ме инспирира да продолжам поактивно со таков вид на концерти. Стринг квартетот составен од Климент Тодороски (прва виолина), Милена Тодороска Мургоски (втора виолина), Марија Димитријевиќ (виола) и Енис Аљи (чело), заедно со сопранот Злата Тошевска Димовска ја изведоа музиката со толку емоции и толку прецизно, емотивно се топев низ целиот процес. Верица Недеска со преубавите нарации од филмот и уникатната изведба преполна со емоции направи една посебна магија во целиот концерт. Сето ова помина со само една проба.
Кога го гледате завршеното дело „Патување пеш” која е мислата, а која е емоцијата што ги поврзувате со филмот?
-Филмот има една прекрасна целина, полн е со животни филозофии и ја носи пораката дека сите ние сме една планета и една нација. Додека не го разбереме тоа и додека не еволуираме на тоа ниво човештвото ќе поминува низ многу вакви трагедии. Ликот на Амал ја носи и шири таа порака која се надевам ќе допре и разбуди многу заспани срца и умови.
Што е следно од аспект на филмска музика на творечката агенда на Дуке Бојаџиев?
-Во моментов работам на музика за нов филм на Тамара Котевска, а планирам и повеќе концерти со филмска музика во следниов период, во духот на концертот што го проследивте во Куршумли Ан.
Р.М.